Годинава се навршуваат 100 години од завршување на изградбата на пругата од тесен колосек Кичево-Охрид во должина од 82,3 километри, која била изградена во далечната 1922 година. По завршувањето на оваа релација, дополнително е изградена и пруга од Охрид до Ташмаруниште, Струшко.
– Иако за сите нас теснолинејката Кичево-Охрид е далечно минато, сепак ред е да се потсетиме дека пред точно 100 години почнал да сообраќа популарниот воз Ќирчо на релација Кичево-Охрид. Овој воз на сите поранешни генерации им останал во пријатни спомени, иако се движел со мала брзина до 10 километри на час, тогашните генерации имаа што да кажат за доживувањата возејќи се со популарниот „Пампур“, кој на релација Кичево-Охрид сообраќал се до 5 мај 1966 година а годинава се навршуваат 56 години од престанокот со работа на популарното вовче, вели историчарот и хроничар на кичевијата Душан Ристоски, чиј татко бил машиновозач.
Бидејќи пругата поминувала на дваесетина метри до нивната куќа во Кичево, тој често пати кога немало машиновозач за да продолжи вовчето по својот пат, таткото на Душан на работа останувал и повеќе од 16 часа.
Спомените за Ќирчо се задржани на перонот од Кичевската железничка станица, каде е поставена композиција на вовчето Ќирчо која потсетува на тие времиња.
– Покрај стоте години од пуштањето во сообраќај на тесниолинејката на релација Кичево-Охрид,105 години се навршуваат од изградбата на локомотивата што ја влечела композицијата со три вагони од германско производство марка „Хеншел“, компанија која во наредниот период покрај парни локомотиви произведувала и камиони и други тешки товарни возила, додава Ристоски.
Две години пред пуштањето во употреба на теснолинејката Кичево –Охрид, возот почнал до сообраќа на релација Гостивар- Кичево.
МИА