Немаше каде да побараме опрема за воено известување, отидовме во Украина без панцири, вели новинарот Фуркан Салиу – ММС
ММС

Објавено на: 04/16/22 1:33 PM

Немаше каде да побараме опрема за воено известување, отидовме во Украина без панцири, вели новинарот Фуркан Салиу

За разлика од неговата колешка Кристина Атовска, новинарот Фуркан Салиу од телевизија „Клан“ кој отиде до украинскиот град Лавов, вели дека немал потешкотии со финансиите бидејќи неговата телевизија му пружила неизмерна поддршка. Сепак и тој се пожали дека не можеле да се снајдат како да набават воена опрема.

– Немаше кај да побараме опрема за воено известување, ние отидовме таму без панцири, немавме можност ниту да купиме. Има процедура да се побара дозвола и да можеш да купиш, но во продавниците каде што се продава ваква опрема немаше панцири. Се обративме до ЗНМ и таму немаше, баравме од амбасади, од таму ни ветија дека ќе ни обезбедат…не дај боже да треба да известуваме од вакви ситуации. Треба да има обуки и опрема, еве ние со Кристина самоиницијативно тргнавме, но утре ќе има и други кои ќе сакаат да известуваат колку е лоша војната, рече Салиу во емисијата „Стадион“ на Канал 77, нагласувајќи дека би сакал да отиде пак во Украина по завршувањето на војната и да известува за нејзините последици.

Иако Атовска рече дека таа отсекогаш знаела дека сака да го работи ова и да известува од војна, Салиу вели дека никогаш немал цел да известува од војна, токму поради тоа што доживеал две кога бил помлад.

– Причината поради која бев е да сфатат луѓето што се случува во Украина иако е многу едноставно, Украина е нападната затоа што е послаба. Едноставно премногу работи се случуваа во државава за да не го сфатиме контекстот на она што се случува таму, имавме и мигранти и кризи, војни за жал и етнички конфлект. Ние станавме експерти, а политичарите ни се најголеми ѕвезди и секој се знае. Чудно ми е и зошто имаме толкава поделба меѓу народот на два блока, вели Салиу.

За тоа зошто не отишле понатаму од Лавов, Салиу вели дека одлуката била негова затоа што не сакал да ја ризикува  телевизиската екипата бидејќи веќе било касно да се влезе во Киев.