Нови научни сознанија посочуваат дека говорењето странски јазик, покрај мајчиниот, му дава на мозокот вежба, обезбедувајќи така ментална стимулација – потребна и доволна да се спречи или одложи когнитивниот пад.
За разлика од другите фактори за кои се смета дека штитат од состојби на проблеми со помнењето, како што се физичкото вежбање или диетите, знаењето втор јазик останува трајно со нас. Во истражување објавено во психолошкото списание „Фронтиерс“ (Frontiers in Psychology), испитувачите спровеле когнитивен тест на 63 луѓе со над 60 години кои зборуваат најмалку два јазика, со различна флуентност. Според анализата, на овие тн. билингвални лица им се дијагностицира деменција во просек 5-7 години подоцна од оние кои говорат еден јазик.
Познавањето на друг јазик обезбедува постојана активност во мозокот. Д-р Федерико Гало смета дека тоа укажува дека двојазичноста кај човекот може да биде еден од најсилните начини за заштита од деменција.
– Може да започнеме, па да се откажеме од физичките вежби, или на пр. да пробаме една или друга диета, или да смениме работа, но јазикот останува со нас цел живот… Ние комуницираме, гледаме филмови и читаме книги, а мозочните центри за јазикот постојано работат во нашите умови, изјави тој.
Д-р Гало смета и дека имајќи предвид дека во мигов не постои лек за деменција и стареење на мозокот воопшто, секое забавување или одложување на нејзиниот почеток е клучно.
– Потребни се огромни финансиски ресурси за да се развијат фармацевтски третмани. Затоа, изнаоѓањето и истражувањето алтернативни начини за забавување на когнитивното стареење треба да стане приоритет во науката, вели д-р Гало.
МИА