За претседателот резба, за првата дама накит до 500 евра – Што подарува Пендаровски за време на државничките средби? – ММС
ММС

Објавено на: 06/9/22 7:00 PM

За претседателот резба, за првата дама накит до 500 евра – Што подарува Пендаровски за време на државничките средби?

На една од последните средби во својот Кабинет, претседателот Стево Пендаровски доби велосипед од бамбус од амбасадорот на Индонезија, Иван Богананта.

– Ми беше задоволство лично да се сретнам со амбасадорот на Индонезија, Иван Богананта, кој поради пандемијата, акредитивите ги предаде по писмен пат. Етничката и културна разновидност, негувањето на толеранција и меѓурелигискиот дијалог, се вредности кои ги споделуваат двете земји и кои претставуваат основа за продлабочување на нашите меѓусебни контакти, напиша Пендаровски на Фјсбук. Токму културната разновидност е најголемата вредност која ја споделуваат државниците при нивните средби, односно кога разменуваат подароци кои имаат обележја од историјата, сегашноста и иднината на земјата која ја претставуваат.

Богананта му подари на Пендаровски необичен велосипед кој е еколошки и изработен од бамбус, сертифициран во Јапонија и Франција. Велосипедот ќе остане во Кабинетот на претседателот и нема да го користи Пендаровски.

ММС го праша Кабинетот на претседателот какви подароци и од кого се ги добил за времето додека е шеф на државата.

– Имајќи предвид дека претседателот Пендаровски, освен со политичари и високи државни претставници, се среќава и со граѓани, листата на подароците е разновидна. Почнувајќи од рачни изработки на деца од основните училишта или на истакнати занаетчии во заедницата, потоа сувенири, рамки со слики, албуми, плакети, уметнички слики, филиграни – рекоа од Кабинетот.

Подароците кои што ги добива претседателот Пендаровски не се лични, туку се подароци за државата и затоа тој нема подарок кој му е најомилен или подарок кој сега лично го користи.

Кога врховниот командат на Армијата патува во официјална посета на некоја земја, листата на подароци кои ги дава е разновидна.

– Во зависност од нивото на личноста со којашто се среќава, претседателот Пендаровски подарува мозаици (пафти, пеперутки), потоа бисерни комплети за високи државни претставници, резби, вино. Како поспецифичен, би го издвоиле подарокот за Папата Франциск, чиј автор е Билјана Клекачкоска.

Подарокот за Папата Франциск, чиј автор е Билјана Клекачкоска

 

Три птици околу капка течна светлина на лист лапис лазули

„Двата пауни и гулабот се изработени во античка филигранска техника. Птиците се поставени околу позлатена капка од кристал. Позадината, „гол”, тенок лист од камен, е интерпретација на фирентинската техника на мозаична уметност и го претставува рајот. Комбинацијата на техники, како и изборот на мотив, ја изразуваат кревкоста на животот во споделена заедница, но и скапоценоста на заемноста и споделувањето на слободата на духот претставена од гулабот и посветеноста на вечноста симболизирана преку паунот. Користените материјали и новото читање на овие антички христијански симболи имаат за цел дискретно да посочат на одговорноста за градење рафинирани и проникливи заедници во време кога единството сериозно е доведено во прашање. Инспирација за ова дело е мозаикот во крстилницата на епископската базилика во Стоби, која датира од 4 век од нашата ера, најстарата црква во Република Северна Македонија“, стои во деталниот опис на подарокот.

Врз основа на член 56 од Законот за користење и располагање со предметите во државна сопственост, во 2015 година Владата донесе Уредба за критериумите, начинот на давање и на примање подароци. Според оваа уредба, претседателот Стево Пендаровски може да подарува подароци од домашно производство во износ не поголем од 500 евра, во денарска противвредност.

Изборот, во име на претседателот го прави секторот за протокол во Кабинетот, во зависност од нивото на личноста на којашто и се подарува нешто.

„Протоколарно, на претседатели на други држави и на високи државни претставници им се подаруваат резби со македонски мотиви. На премиери и на претседатели на собрание – ракотворби, на сопругите на претседателите – накит“, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Но, што се случува со подароците кога ќе заврши мандатот на претседателот, кои од нив остануваат во сопственост на државата, а кои може да си ги понесе со себе кога ќе ја напушти функцијата? Од Кабинетот за ММС истакнаа дека согласно Уредбата на Владата од 2015 година која лани доживеала и измени, примениот дар од претставници на странска држава, орган, институција или меѓународна организација во знак на соработка, благодарност или почит може да се задржи во лична сопственост, доколку вредноста на примениот пригоден дар не ја надминува вредноста од 50 евра во денарска противвредност. Во спротивно, сите подароци коишто ги добил претседателот за време на мандатот, остануваат во сопственост на државата.

– Дел од подароците, по проценка на секторот за протокол и согласно со можностите на просторот, се изложени во Кабинетот на претседателот. Истите, може да ги види секој посетител на Кабинетот, доколку има интерес за тоа – рекоа за ММС од Кабинетот и додадоа дека со одлука на Кабинетот било кој подарок може да се донира или отстапи и тоа се прави со претходна согласност на примателот на донацијата.

Орце Костов

Фото: Кабинет на Претседател