Двајца баратели на азил во САД, инаку Украинка и Русин, се венчаа на скромна свеченост во мексиканскиот пограничен град Тихуана.
Се работи за Дарија Сахњук и Семјон Бобровски, кои живееле во Украина пред војната и, како што изјавија за „Телемундо”, планирале да се венчаат во Киев. Тие двајцата пристигнале во Мексико две недели претходно. Бобровски првично е одбиен за азил во САД според новите имиграциски мерки кои се достапни само за украински граѓани.
По венчавката, двојката го прослави и 27-от роденден на Сахњук со традиционална мексиканска забава и маријачи-бенд.
– Многу сум среќна што тука запознав многу убави луѓе кои ни помогнаа да се организираме и да се венчаме овде во Мексико, во Тихуана, изјави таа за телевизиската мрежа.
Сега кога Бобровски е во брак со својата Украинка, двајцата се надеваат дека ќе биде примени заедно во САД и ќе почнат нов живот во Њујорк.
МИА