Ни сеопфатниот процес на упис на граѓани, кои до сега воопшто не се запишани во матичните книги на родените, не го смени целосно фактот дека во државата живеат луѓе без документи. На територија на Општината Штип , кои и по повикот за упис, останаа незапишани. Овие „фантоми“ како што се нарекуваат беа евидентирани дури откако мобилни екипи заминаа на терен и утврдија дека се’ уште има незапишани деца па и постари во Матичните книги. Како што објасни Ерол Адемов од Општина Штип, проблемот е што поголемиот дел од овие луѓе немаат пари да отидат по матичните служби по општините каде се родени и покренат постапка за упис.
-Тоа се лица кои се родени во други општини и немаат материјално економски услови да отидат во другите општини и да ги обезбедат потребните документи што ги бара законот, изјави Адемов.
Денеска во Штип се зборуваше за текот на целиот процес и постапката за упис на овие лица. Мабера Камбери, раководител во Министерството за труд и социјална политика изјави дека овој број на неевидентирани лица е нотиран и покрај тоа што со донесувањето на законски измени им се овозможи на сметка на државата, да се внесат овие луѓе во евиденција. За таа цел, по донесувањето на законските измени, беше упатен јавен повик до сите неевидентирани лица.
-Со огласот ги повикавме сите лица на територијата на С.Македонија да дојдат до најблиската подрачна единица на Управата за водење на матични книги и да пополнат прашалник за причините зошто до сега не се евидентирани. Меѓутоа, бидејќи бавно одеше тој процес, беа формирани мобилни тимови составени од претставници на Управата за водење на матични книги, Центрите за социјални работи, ромските организации, ромските информативни центри, кои заедно на терен ги пронајдоа овие лица, изјави Камбери.
Како што објасни раководителката, откако биле пронајдени како незапишани, овие лица пополниле прашалници и веќе се евидентирани во посебен електронски регистар со кој им овозможува да добијат привремен извод.
Пред донесувањето на законските измени, беше проценето дека на територија на државата има 732 лица кои се без документи. Лицата без документи се лица без идентификација, немаат никаков статус во општеството. Тие се надвор од образовниот, здравствениот и системот на социјална заштита и не се во можност да остварат ниту право на вработување со задолжително осигурување.
Законот за неевидентирани лица во матична книга на родените е со важност до јуни 2022 година, а во пракса повеќе од половина од вкупно идентификуваните лица, не иницирале постапка за упис во Посебната матична книга на родените. Од друга страна пак, лицата кои имаат извод од посебната матична книга и идентификациона исправа, во пракса не остваруваат ниту едно од утврдените права како право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување. Поради тоа, Народниот правобранител побара продолжување на важењето на овој закон, додека на терен се интензивира евиденцијата на незапишаните.