На соживотот во село Колешино може да му позавидат сите – ММС
ММС

Објавено на: 04/25/22 11:00 AM

На соживотот во село Колешино може да му позавидат сите

„Иако сме од различни вери, празнуваме заедно, славиме заедно, тагуваме заедно„, велат за ММС во еден глас жителите на струмичкото село Колешино кое е пример за верски соживот во Македонија децениии наназад.

 

Обвиткано во пазувите на Беласица на 15 километри од Струмица, село Колешино е далеку попознато по Колешинските водопади стотици метри над него. Но, малкумина знаат дека во Колешино повеќе од еден век заедно живеат пет верски заедници кои по ништо не се разликуваат меѓусебе освен по своите божји храмови кои ги посетуваат во сабота или во недела, а почитта помеѓу православните, протестантите или методисти, адвентиститите, јеховините сведоци и во помал обем баптистите, е поголема и од нивната Беласица.

Баба Милица Трајкова веќе 60 години живее во Колешино. Таа потекнува од населба Лисиче во Скопје, но љубовта ја однела во далечното струмичко село во подножјето на Беласица. Со својот сопруг се запознале во адвентистичката црква во Скопје.

– Мојот татко беше православен христијанин. Но, сонувал сон во кој ја барал Библијата и кога ја нашол, првото што го прочитал било дека сабота била празник од Бога. Поради Библијата ја прифатил адвентистичката вера и така и ние сме почнале да веруваме Христовото доаѓање – истакна Милица.

Семејството на баба Милица е мултирелигиско и вистински пример дека љубовта и почитта кон Бога немаат граници. Сопругата на нејзиниот син Зоран е од католичко семејство. Тој од почит кон неа и кон нејзините родители го прифатил и нивното презиме. Вториот син на Милица, Данил Трајков има сопруга која е православна. На баба Милица тоа не е пречи, напротив е среќна што сите можат секогаш и секаде да ги празнуваат празниците.

– Не ни сметаше нивниот избор. Ние адвентистите не јадеме свинско месо, не консумираме ниту алкохол ниту цигари, а може да се пости 24 часа без вода и храна. Дури немаме музика кога правиме свадби. Но, не ни пречеше што сватовите на свадбата на син ми си нарачале музика, ниту кога го смени презимето – раскажа Милица.

Адвентистите не јадат свинско месо, не консумираат ниту алкохол ниту цигари, а постат 24 часа без вода и храна. Различните обичаи и традиција, различното сфаќање на религијата, на колешинци не им пречи во нивното секојдневно заедничко дружење.

– Јас сум благодарна од православните соседи. Одам кај нив на нивните празници, тие доаѓаат на нашите. Никогаш не сме имале кавги, туку само сме дискутирале за одредени цитати од Библијата. Најважно е да се држиме до десетте божји заповеди. Ако си згрешил една, тогаш си ги згрешил сите – додаде таа.

Баба Милица се присети на првата адвентистичка црква во Колешино која се наоѓала во една од собите во куќата на нејзиниот девер Миодраг Трајков. Тој е првиот адвентист во село Колешино. Денес неговиот син Томе Трајков кој живее во Кавадарци доаѓа на проповед во новоизградениот храм на Адвентистичката црква.

– Секоја сабота сме во црква наутро во 9 часот. Имаме сограѓанка од Украина која е тука мажена. Таа ни свири на новиот хармониум додека ние пееме песни од своите песнарки. Потоа еден на друг си ги миеме нозете со што изразуваме понизност еден кон друг. Тоа го правел и Исус Христос со своите апостоли – истакна дедо Миле.

Тој додаде дека сите во Македонија може да им завидуваат на соживотот, слогата и заедништвото во Колешино.

– Без разлика дали е православен, методист, адвентист или Јеховин сведок. Човекот кој ќе почине во Колешино се погребува на заедничките гробишта. Нашиот соживот се должи на тоа што жителите биле просветени од учители кои ја проучувале и Библијата која е света книга за цело село – рече најстариот верник на адвентистичката црква во Колешино.

Колешино го слави Спасовден, тој е заеднички празник на цело село и тогаш секоја куќа е отворена за гости. Не го слават само Јеховите сведоци, Колешани се подготвуваат за големиот празник на 10 јуни кога сите заедно ги нагласуваат љубовта, верата и надежта за уште подобар и посреќен живот.

Орце Костов