Нема обид за затскривање на случајот, се работи за лично недоразбирање со девојката – Спасовски за убиството на Тот – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/22 11:58 AM

Нема обид за затскривање на случајот, се работи за лично недоразбирање со девојката – Спасовски за убиството на Тот

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека во ниту еден момент нема никаков застој во истрагата, а по првоосомничениот се трага. Се очекува да се распише домашна и меѓународна потерница. Полицијата нема официјална информација дека ја напуштил државата.

Веднаш по добивањето на информацијата, која не е добиена од лице место дека има тепачка, туку е добиена од Клиничкиот центар, нашите екипи се излезени во Клиничкиот центар и започнуваат истражните дејствија. Во ниту еден момент немаме запирање, се’ до моментот на целосно расчистување на случајот со поднесување на кривичните пријави, а тоа е некаде во рок од 24 часа. Две лица учесници во настанот се приведени, за едно лице се трага. Секако дека имаме централен распис, ќе се распишуваат и меѓународна и домашна потерница. Сочувство до семејството на починатиот и да отфрлам со индигнација се што се пласира во јавноста за наводно криење на случајот, застој на истрагата, изјави Спасовски.

Според Спасовски, овој случај е целосно расчистен со поднесување на пријавите. Министерот објасни дека веднаш по приемот на ракометарот во  Клиничкиот центар, полицијата е информирана, како што е редот во таков случај. Првичните објавени информации доаѓаат од Клинички, а потоа се побарани информации од Брзата помош.

-Апсолутно дезинформациите во јавноста не помагаат, како тие дека нема снимки од настанот. Отидено е на местото на настанот, каде е најдено момчето, до преглед на камерите од Сејф сити. Ние првичната информација ја даваме на база на она што ни го кажаа во Клинички центар – па излеговме на лице место, изјави Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање.

Министерот појасни дека во четвртокот попладне (неколку часа по претепувањето на ракометарот Тот), изјави дале управителот на дискотеката и вработена. За вработената неофицијално се пишуваше дека повикала итна помош откако го видела телото на повредениот.

-Сите лица кои биле од интерес за истрагата се повикани во полициска станица и се заведени. Информација дека нема траги на насилство е информација која ја добиле и полициските службеници во Клиничкиот центар, рече Спасовски, кој не знаеше да каже колку точно поминало време од настанот до пренесувањето на повредениот во болница.

На денешната свеченост каде се предаде германска помош за МВР, присуствуваа и хрватски новинари, кои се интересираа дали полициски службеници присуствувале на обдукцијата и какви траги се пронајдени на облеката на ракометарот Тот.

На прашањето дали е направена реконструкција на настанот, министерот Спасовски одговори дека изјавите и снимката даваат прилично јасна слика што се случувало.

-Полицијата располага со снимка како се одвивал настанот, а потврдуваа и исказите. Според изјавите што ги имаме, поводот за нападот се лични недоразбирање меѓу девојката и момчето, рече Спасовски.

МВР го расчисти случајот и поднесени се пријави во обвинителството. Споменатата 19-годишна девојка е во притвор, заедно со уште еден осомничен за  нападот.