Мијалков вели:„Правдата ќе победи“, за Груевски „голема неправда“ е ставањето на црната листа – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/22 9:19 AM

Мијалков вели:„Правдата ќе победи“, за Груевски „голема неправда“ е ставањето на црната листа

Одлуката на американскиот Стејт дипартмент да ги стави Никола Груевски, Сашо Мијалков и нивните семејства да ги стави на црната листа, ги коментираа некогашниот премиер и шефот на тајната полиција.

-Жалам за денешната одлука на Стејт Дипартментот и сметам дека таа не е исправна“, напиша Сашо Мијалков на социјалните мрежи.

-Одлуката е базирана на конструкции и дезинформации за кои со време ќе се докаже дека се неиздржани. Секогаш сум ги бранел и ќе ги бранам интересите на Македонија. Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде коригирана.” – пишува Мијалков.

Подолг контекст со свои квалификации и оцени даде Никола Груевски, кој доби азил во Унгарија. Груевски вели дека подолг период се говорело дека ќе се најде на американската црна листа, за што лобирале високи претставници на македонските власти.

-Жалам за одлуката на State Department која ја објавија денес а меѓу другите се однесува на мене. Наводите кои се наведени заради кои сум ставен на листата се неточни информации на кои подлегнале и во најголем дел произлегуваат од долгогодишниот политички прогон кој се води против мене во Македонија. Од тој аспект иако немам никаков имот во САД, чувствувам голема неправда бидејќи работев многу чесно и многу одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а при тоа колку што можев се трудев да не ги загрозам интересите на сојузниците на Македонија. Никогаш не работев за личен финансиски или материјален интерес, напиша Груевски.

Освен Груевски и Мијалков со членовите на семејствата на црната листа се најде и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година, компанијата I.C.I.C. KFT. ( I.C.I.C. LTD.), со адреса во Унгарија. Компанијата е отворена на 15 јули 2021 година, а Стејт дипартментoт ја поврзува со поранешниот премиер Груевски.

Вмешаноста во корупција на двајцата некогашни македонски високи функционери е причината што Американската влада ги ставила на непопуларната листа. Според образложението, нивното делување го поткопале владеењето на правото, како и демократските институции и јавните процеси и ја нарушиле довербата на јавноста во владите.

(В.К.)