„Девојчето ми е безживотно, тешко ми е да го гледам“- Исповед на мајка чие дете се отруло од Киндер јајце, во Македонија нема таков случај – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/22 10:57 AM

„Девојчето ми е безживотно, тешко ми е да го гледам“- Исповед на мајка чие дете се отруло од Киндер јајце, во Македонија нема таков случај

Во текот на претходната недела производите на „Киндер“ беа повлечени од продавниците низ Европа, вклучувајќи ја  и Македонија поради страв од труење и инфекција со салмонела.

Агенцијата за храна и ветеринарство повлече неколку серии од Киндер производите на компанијата „Фереро“ од сите маркети во Македонија откако доби известување од ЕУ дека на пазарот во земјава е пласиран сомнителен чоколаден производ од овој производител. АХВ ги известува потрошувачите кои го имаат купено овој вид на производ, истиот да не го консумираат, да го вратат на местото од каде го купиле. Компанијата увозник за Македонија нагласи дека само оние производи произведени во Арлон, Белгија, подлежат на повлекување од пазарот.

Институтот за јавно здравје во Македонија до овој момент не регистрирал случај со салмонелоза предизвикана од консумирање на производите на Киндер.

–  Ниту во Скопје, ниту во другите градови до овој момент колегите не се јавиле да кажат дека има зголемен број на салмонелози кај децата кои најчесто ги користат овие производи. Немаме никаква индикација за зголемени бројки, односно нешто што би ни укажало дека навистина нешто се случува за да има потреба да алармираме – изјави за ММС, прим. д-р Гордана Кузмановска, раководител на секторот за контрола и следење на заразни болести во Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија.

Во моментов официјално се потврдени 63 случаи на труење со салмонела, најмногу кај мали деца. Најголем број потврдени случаи има во Велика Британија, но и во Франција, Ирска, Белгија, Германија, Луксембург, Холандија, Шведска и Норвешка. Фереро одлучи да ги повлече сите производи произведени во јужна Белгија. Сите производи кои истекуваат до крајот на август се потенцијално контаминирани и се препорачува да не се јадат.

Шарлот Вингфилд, мајка на тригодишно девојче од Велика Британија, тврди дека нејзината ќерка се отрула со салмонела откако изела киндер јајце. Таа објави на својот Фејсбук профил и сподели фотографии од нејзината ќерка.

“Мојата ќерка Бруклин-Меј се чувствуваше многу лошо кога дојдов да ја земам во креветчето. Прво мислев дека е само стомачна болка, но нејзината состојба се влошуваше. Таа спиеше 21 час без пауза, а потоа се разбуди целосно без сила главата и паѓаше постојано од исцрпеност. Се мачев да и ја спуштам температурата која не паѓа под 39 степени. Знаев дека нешто не е во ред и се консултирав со општ лекар кој прв се посомневаше на стомачен вирус. Ја земав Три дена подоцна стигнаа резултатите и се покажа дека е труење со салмонела од киндер јајце. Моето девојче сега изгледа безживотно. Претешко ми е да гледам дете, инаку живо и енергично, сега се однесува сосема поинаку“, напишала Шарлот на својот Фејсбук профил кој го пренесуваме во целост.

Првиот случај на труење со салмонела се случи на 2 април. Фереро првично негираше дека има директна врска со нивните производи, но истрагата утврди дека тие се одговорни за неколку случаи на труење кои се случија во изминатите неколку недели.

Агенцијата за безбедност на храна (FSA) објави дека производителот повлекол неколку серии чоколадни јајца Kinder Suprace во Велика Британија. Исто така, повеќе случаи се пријавени во Европа, вклучувајќи ги Ирска, Франција, Германија, Шведска и Холандија. Утврдено е дека јајцата на овие маркети пристигнале од фабрика во Белгија.

Како што е соопштено, во контекст на тековните тестирања за салмонела во соработка со властите за безбедност на храната, Фереро привремено ја затвори својата фабрика во Арлон, Белгија и прекинато е целокупното производство на Kinder Chocobons, Kinder Surprise Maxi 100g и Kinder Mini Mix Peluche, од Арлон.

Кои се симптомите, причините и последиците од салмонела?

Салмонелоза се развива по внесувањето на бактериите салмонела преку храната. Симптомите обично се јавуваат помеѓу 12 и 72 часа по контаминацијата, а најчести се дијареа, гадење, повраќање, стомачни грчеви, треска, треска, главоболка и крв во столицата. Бактеријата се пренесува преку контаминирана храна но и од човек на човек. Главно го има во свежото месо (најмногу живина), јајцата, млекото, млечните производи, рибата и морските плодови. Често, свежата храна може да биде контаминирана. Внимателната термичка обработка на храната може да ја уништи салмонелата.

Орце Костов

фото: ММС

фото: Фејсбук