Кавадарци добива банка за храна – ММС
ММС

Објавено на: 09/14/18 11:39 AM

Кавадарци добива банка за храна

За една недела во Кавадарци треба да профункционира банката за храна за социјално загрозени семејства. Локалната самoуправа ќе обезбеди просторија и возило за разнесување на храната до нивните домови, а целта на проектот е да не нема гладни во градот.

Кавадарци да биде првиот град во кој ќе нема гладни – ова е целта на невладиниот сектор кој прави напори наместо вишокот храна да се фрла, да завршува како трпеза за социјално загрозените семејства во Тиквешијата. Претседателот на еколошкото друштво „Еко-живот”, Роберто Паризов вели дека постои интерес кај компании и физички лица што произведуваат или дистрибуираат храна и кои сакаат да донираат дел од неа.

„Патот е тежок и трновит, не секоја индивидуа или бизнис субјект од кого зависи најголем дел од реализација на зацртаната акција, ја става оваа инцијатива на својата агенда во подолниот дел од истата, но ние сме силно убедени дека во периодот кој следи зацртантото  и планираното ќе го види светлото на денот“, смета Паризов.

Банката за храна треба да профункционира за една недела, а целта е вишокот храна да не завршува на некоја од депониите, туку да се подели на социјално загрозени семејства кои во општината ги  над 120.

Инаку Народната кујна во градот, секојдневно обезбедува по околу 40 порции храна, за околу 20 социјално загрозени семејства, корисници на социјална и постојана парична помош.

Секоја година со донациите во храна кои се собираат во банката се хранат секојдневно барем со по еден оброк 300 лица во 11 градови . Според Државниот завод за статистика годишно кај нас околу 12 000 тони храна завршуваат како отпад чија вредност се проценува на најмалку 11, 6 милиони евра – сума која би можела да се искористи како нова програма за социјална заштита. Или доколку истата не се фрла, оваа количина храна би била доволна за да се обезбедат по три оброци дневно за 26 000 граѓани во земјава.

 

Билјана Тошевски