Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот на 8 април, во стан на улицата „Димитар Илиевски-Мурато“ во Битола, полицијата пронашла 24,77 грама марихуана, во стаклена тегла скриена во бебешка количка. Осомничениот дрогата ја препродавал на наркозависници од Битола, за што е обезбеден доказ и во форма на вербални искази на сведоци, кои во периодот од 06.12.2021 до 08.04.2022 година набавувале марихуана и амфетамини од осомничениот. Поради опасност од бегство на осомничениот, можност за влијание врз сведоците и повторување на делото, јавниот обвинител пред надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор“, истакна од ОЈО Битола.
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 20-годишник од Велес за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки матери од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
На 18 февруари, осомничениот неовластено држел огнено оружје – пушка марка „Баикал“ од руско производство, со калибар 12 милиметри, со две цевки со внатрешни ударни механизми и автоматска кочница. Движејќи се по улица во Велес, оваа пушка ја носел со себе, кога го запреле полициски службеници.
Поради околности кои упатуваат дека осомничениот може да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор против осомничениот. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице од Битола на возраст од 34 години, за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
При контрола на автомобилот на наплатната станица Сопот на автопатот Скопје-Велес, на 9 април, во пределот на потпирачот на возачкото седиште од автомобилот на осомничениот, откриено е наркотична дрога – 7,4 грама кокаин и 1,19 грама марихуана.
Со решение од надлежниот суд, на осомничениот му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.
Во неделата околу 15.00 часот во близина на караула Радожда, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско eзеро” го лишиле од слобода Ј.Б.(48) од Република Албанија поради нелегален влез во државата. Во наведеното време, откако ги забележал полициските службениици, скокнал во Охридското езеро и се обидел пливајќи да побегне, но набргу бил фатен и приведен. Притоа, полициски службеници испукале неколку куршуми во воздух како предупредување. При преглед кај него бил пронајден нож на расклопување. Тој бил предаден во Полициската станица за граничен надзор Франгово, и од инспектор од Отсекот за прекуграничен криминал, странци и реадмисија при Регионалниот центар за гранични работи Запад изречена му е мерка „Забрана за влез во Република Северна Македонија”. Инаку, на 01.12.2019 Ј.Б. бил фатен над с.Радожда како со пловен објект врши кривично дело „незаконит риболов”.
извор: МВР/ОЈО
фото: МВР