Со цел да ги намали трошоците во криза, ЕСМ им нуди на вработените неплатен одмор – Потпишан договор со Синдикатот за подобри услови – ММС
ММС

Објавено на: 04/11/22 9:57 AM

Со цел да ги намали трошоците во криза, ЕСМ им нуди на вработените неплатен одмор – Потпишан договор со Синдикатот за подобри услови

АД ЕСМ и Синдикалната организација во компанијата потпишаа нов колективен договор со кој се унапредуваат и подобруваат условите за работа, како и правата на вработените. Договорот го потпишаа генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски и претседателот на Синдикалната организација на АД ЕСМ, Јове Смилевски.

„Новиот колективен договор предвидува прецизирање на минималната плата согласно новите законски измени, утврдување на исплата на два додатоци за работа во недела согласно новите законски одредби, дополнителни исплати за вработените во случаи на работни обврски надвор од утврдените со работното место, особено за работа во стручни комисии за инвестициски и други проекти, унапредување на родовата еднаквост во однос на одредени прашања поврзани со солидарната помош, унапредена е можноста за оспособување и стручно усовршување на вработените особено во профили кои во иднина ќе бидат повеќе потребни во производниот процес, односно кадри за работа во капацитети од обновливи извори на енергија, потоа олеснување на можноста за изведување на ученичка и студентска практична работа во електраните на АД ЕСМ итн“, соопштија од ЕСМ.

Во договор и со поддршка на Синдикатот, била донесена одлука да им се овозможи на вработените самоиницијативно да се пријавуваат за неплатен одмор во траење до 2 месеца во период на траење на енергетската криза, за профили кои не се клучно неопходни за производниот процес, со цел да се намалат трошоците во криза.

Од менаџментот на АД ЕСМ сметаат дека целта на колективните договори не е само   да ја подобрат финансиската состојба на вработените, туку и да имаат позитивен ефект врз колективната атмосфера во друштвото, вреднувајќи го трудот и залагањето на секој поединец кој ги извршува своите работни задачи совесно и одговорно.

АД ЕСМ и Синдикалната организација при Државните електрани на Северна Македонија потпишаа колективни договори во 2018 и 2020 години. Секој од тие документи бил подобар од претходниот и претставувал дополнително подобрување на условите за работа на вработените, како и придобивките од работниот ангажман во АД ЕСМ, велат од државната компанија.

О.К.

фото: АД ЕСМ