Градинките и во време на штрајк ќе мора да згрижуваат деца, а училиштата треба да си најдат замени, соопштија ресорните министерства – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/22 11:40 AM

Градинките и во време на штрајк ќе мора да згрижуваат деца, а училиштата треба да си најдат замени, соопштија ресорните министерства

Сите предучилишни установи ќе продолжат да ја обавуваат својата дејност – згрижување и воспитание на децата и во деновите на најавениот штрајк, како и до сега, информира Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

-Во согласност со Конвенцијата за правата на детето, одредбите во Уставот на Република Северна Македонија и Законот за заштита на децата, неприкосновено право на децата е да им биде пружено згрижување и воспитание во предучилишни установи како облик на заштита на децата. Согласно Законот за заштита на децата, во предучилишните установи за деца, вршењето на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст не смее да се прекинува освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а по претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, но не и за време на штрајк, велат од МТСП.

По повод најавениот штрајк од страна на СОНК и во предучилишните установи, кое е загарантирано право на работниците согласно со Уставот, посочуваат дека при остварувањето на правото на штрајк вработените се должни да обезбедат непречено згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст.

Основните и средните училишта и од утре, за кога е најавен штрајкот од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК, ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес, информира Министерството за образование и наука (МОН).

-Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно – образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, прецизираат од МОН.

Како што нагласуваат, училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото.

МИА