Смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот во Скопје го вознемири целиот регион, а досега во неколку наврати имаше целосен пресврт во истрагата.
Прво се пишуваше дека Денис бил претепан и починал од ќотекот, а потоа неговиот брат ги демантираше овие приказни и рече дека се работи за срцев удар, па истрагата сега ќе доведе до првата причина за смртта. Полицијата и Обвинителството од Северна Македонија ја потврдија оваа верзија и сега се добиени нови информации.
„Кривично правниот настан се случил на 7 април во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“, соопшти основното јавно обвинителство.
Се уште не е познато зошто полицијата и лекарите во Клинички центар прво објавија дека ракометарот немал физички повреди и починал од инфаркт, а откако обвинителот нареди обдукција, ги сменија информациите и потврдија дека ракометарот починал од тежината на повредите кои ги добил откако бил претепан.
Министерот за здравство Беким Сали доцна синоќа објави дека наредил вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третманот на младиот ракометар на РК „Бутел“, Денис Тот, информира ресорното министерство.
„Во врска со смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот, министерот за здравство согласно Законот за здравствена заштита и Законот за санитарна и здравствена инспекција иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат да спроведе вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третманот на младиот ракометар“, е неведено во писмената информација од министерството.
Оттаму изразија и сочувство за неговата смрт до семејството и неговите најблиски.
О.К.


