По четири години срнчето Бамби го напушти семејството на Кире Радески – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/22 7:50 PM

По четири години срнчето Бамби го напушти семејството на Кире Радески

Семејството на Кире Радески од кичевското село Белица засекогаш се прости од срнчето Бамби, кое се упати во дивината по речиси четри години минати во нивниот дом. Кире Радески го најде штотуку роденото срнче во планината во мај 2018 година во тешка здраствена состојба и го донесе во својот дом, го порасна и поради законитостите на природата го пушти во планината да го продолжи својот живот.

– Иако измина еден месец откако срнчето Бамби го напушти нашиот дом, јас и мојата сопруга се уште не можеме да се навикнеме без присуството на ова прекрасно суштество, кое го гледавме како мало дете и го следевме неговиот животен пат. До таа мерка се сродивме со срнчето што во првата година живееше со нас во иста просторија, а за неговите потреби купувавме секаков вид овошје и зеленчук, поточно она што најмногу сака да го јаде, се присетува на првите денови од дружбата со срнчето Бамби пензионерот од село Белица.

Тој секоја сабота доаѓаше во Кичево, ги посетуваше продавниците за овошје и зеленчук и со полн багаж храна за срнчето се враќаше во својот дом.

– Толку многу се сродивме со срнчето Бамби што речиси бевме неразделни во текот на 24 часа. Го храневме од рака, го доевме со цуцла како мало дете и за цело време ни беше како најголем другар. Колку беше приврзано за нашиот дом, нека потврди и овој пример, кога пред две години се оддалечи од нашиот дом и кога загубивме надеж дека засекогаш замина во природата, срнчето Бамби се врати во нашиот дом и продолживме да живееме заедно до оваа пролет кога засаекогаш се разделивме, додава Радески.

Како причини кои го поттикнале да го пушти срнчето засекогаш во природата, тој ги наведе честите напади кои се случувале во последно време, агресивноста која ја покажувало и природниот нагон за парење.

– Бидејќи срнчето наврши четири години стана возрасно и агресивно и беше повеќе од јасно дека е време за парење и тоа беше најголемата причина зошто го пуштивме во дивината. Ги прашуваме нашите соселани дали можеби го сретнале срнчето во природата, еден од нив ни кажа дека го забележал  подалеку од селото. И покрај трајната разделба, сепак би сакале со мојата сопруга барем уште еднаш да го видиме и како некогаш го погалиме. Дружбата со Бамби никогаш нема да ја заборавиме, додаде Радески.

МИА