Хрватскиот ракометар Денис Тот, сепак, бил убиен, не починал од срцев удар – Две лица се приведени, се трага по уште едно лице – ММС
ММС

Објавено на: 04/9/22 3:29 PM

Хрватскиот ракометар Денис Тот, сепак, бил убиен, не починал од срцев удар – Две лица се приведени, се трага по уште едно лице

Прераната смрт на ракометарот Денис Тот од Хрватска кој настапуваше во македонскиот клуб Бутел предизвика жестоки реакции во јавноста поради различните информации околу овој случај.

Прво се зборуваше за насилство и дека Тот бил претепан во скопски ноќен клуб, па потоа МВР информираше дека бил примен во бессознание и без срцева реакција и дека немал траги на насилство. Утрово неговиот брат Борис се огласи од Хрватска и рече дека причината за смртта е срцев удар.

Но, причина за неговата смрт е насилство, односно удар во главата и повреда на мозокот.

„На ден 07.04.2022 година, околу 03:30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р.Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) сите од Скопје при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест.

Од страна на Итна медицинска помош лицето било пренесено во Ургентен центар при Клиниките „Мајка Тереза” каде му била укажана лекарска помош со реанимација и бил ставен на апарати за дишење, во критична состојба. Според лекарите повредениот имал престанок на работата на срцето и бил во животна опасност. Во текот на вчерашниот ден им подлегнал на повредите. За настанот известен е дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје и по негова наредба на телото на починатиот е предадено на обдукција.

Воедно обезбедени се видео записи од безбедносни камери, Safe City и ноќниот клуб, а од страна на ЕУМНА при СВР Скопје подигнати се предмети од починатиот што ќе бидат предадени во ОКТИВ при МВР за вештачење.

Вчера на 08.04.2022 година, во просториите на ЕНК при ЕВР Скопје во присуство на бранителот, извршен е службен разговор со повеќе лица меѓу кои и двајца од осомничените. Постапувајќи по Наредба издадена од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на ден 08.04.2022 година, извршен е претрес во домот  на лицето А.Ѓ. кој е недостапен на органите на прогонот и со потврда за привремено одземени предмети одземени се предмети што ќе бидат доставени на вештачење во ОКТИВ при МВР. По лицето А.Ѓ. (28) од Скопје е распишан централен распис“, соопштија од МВР.

По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издаде низа наредби и тоа: Наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата.

Врз основа на прегледаните видео записи идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените меѓу кои една девојка (19) сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од КЗ. Двајца од осомничени се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис.

Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор.

„Денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија беше извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.

Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“, соопшти ОЈО.

извор: ОЈО/МВР