Судскиот совет разреши судија во пензија од Штип – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/22 2:56 PM

Судскиот совет разреши судија во пензија од Штип

Со чудење во јавноста беше примена вчерашната одлука на Судскиот совет, со која неправосилно се разрешува судија на Основниот суд од Штип, кој е веќе во пензија. Се работи за судија, кој лани летото се пензионира и како што е редот, Судскиот совет веќе го има констатирано неговото заминување од судиската функција.

Упативме прашања за тоа зошто оваа пост – фестум постапка, за што од Судскиот совет велат дека се работи за веќе почнат процес, уште додека бил активен судија. Според тоа, постапката треба и да биде завршена. Тоа што судијата е во пензија, не ја исклучува постапката за утврдување одговорност.

Од Судскиот совет во одговорот го цитираат Законот за судски совет, член 68, став 5, каде е определено дека доколку судијата или претседател на суд против кого е поведена постапка за утврдување на одговорност, во текот на постапката поднесе барање за престанок на судиската функција, советот ќе констатира престанок на судиската функција и ќе ја продолжи постапката до донесување кончена одлука, која ќе биде составен дел на судиското досие на судијата, односно претседателот на судот.

-Во овој случај постапката за утврдување на одговорност на судијата е почната пред исполнување на условите за пензија. После покренувањето на постапката за одговорност судијата поднел барање за пензионирање, а со оглед дека ги исполнувал условите за заминување во пензија, Судскиот совет донел одлука за прекин на мандатот. Но, согласно законот, Судскиот совет ја продолжил постапката и утврдил дека ги сторил повредите. Со оглед дека во меѓувреме судијата се пензионирал, тој практично не се разрешува, туку решението за разрешување се вметнува во неговото работно досие како судија, стои во одговорот од Судскиот совет.

Во ваква ситуација, легитимно е прашањето за последиците од одлуката, односно санкциите по сега веќе пензионираниот судија. Според Советот, решението не повлекува никакви санкции, освен што ќе постои како документ во досието на судијата.

Ова не е прв ваков предмет во историјата на македонското судство. До сега имало четири други предмети за утврдена одговорност на судиите, кои веќе се пензионирале пред завршување на покренатата постапка по барање за нестручно и несовесно постапување.

Судскиот совет вчера донесе одлука за конечно разрешување на судија и в.д. претседател на Апелацискиот суд од Штип, еден судија на Врховен суд, кој ја вршеше функцијата в.д. претседател на Кривичниот суд од Скопје. Неправосилно, со право на жалба се разрешени еден судија и еден в.д. претседател на суд.

 

(В.К.)