Најдобриот македонски автомобилист, бренд амбасадорот на Видеолотарија Касинос Австрија, Игор Стефановски Иџе се враќа на теренот кој го издигна до шампионски височини. По пауза од седум години, сезонава повторно ќе вози во Европскиот шампионат на ридски патеки, под капата на ФИА. Тој ги освои пехарите во 2014 и во 2015 година во ова натпреварување, па сега како искусен ќе ја предизвика новата конкуренција, на старите патеки.
Сезоната почнува претстојниов викенд (8-10 април) во Франција, во Сен Жан ди Гар или на патот до врвот Сен Пјер, местото каде што Иџе ја оствари својата прва победа. Вели дека влегува со желби и амбиции за што повисок успех, но истовремено со почит за конкуренцијата и за самото натпреварување. Во овие седум години, Европскиот ридски шампионат претрпе промена во системот на натпреварување, односно во класификацијата на возилата, па затоа тој со своето Хјундаи И30 ќе се трка во класа со помоќни автомобили.
„Отсекогаш сум имал високи амбиции и сум целел на највисок пласман. Така ќе биде и сега, но прво ќе видиме како ќе биде со промените во Европскиот ридски шампионат. Воведен е тој ’Перформанс фактор‘, тој е новина за мене и ќе видиме како ќе се однесува и мојот автомобил и на кое ниво ќе бидат конкурентите во мојата категорија. Ова е сепак прва трка, а по неа ќе ги направиме потребните приспособувања на автомобилот, бидејќи тој е истиот со кој се натпреварував на кружните трки. Ова е сепак, друг тип на предизвик. Според мене ридските трки се една од најтешките дисциплини, која бара висок фокус во секој момент од трката“, вели Иџе, кој го очекуваат две трки, по една во сабота и во недела.
По пехарите во Европскиот ридски шампионат, тој мина седум години во неколку елитни натпреварувања во кружни патеки, како ЕТЦЦ, ТЦР-Европа, ТЦР-Италија и ТЦР-Источна Европа, во кои оствари повеќе подиуми и победи. Видеолотарија Касинос Австрија му посакува и верува, дека отвора уште едно успешно поглавје во неговата трофејна кариера.
Видеолотарија Казинос Австрија