(Вознемирувачко видео) Во руски ракетен напад во Краматорск најмалку 30 убиени, Кремљ негира – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/22 12:11 PM

(Вознемирувачко видео) Во руски ракетен напад во Краматорск најмалку 30 убиени, Кремљ негира

Над 30 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во денешниот ракетен напад врз железничка станица во Краматорск во источна Украина , изјави шефот на националната железничка компанија.

– Повеќе од 30 луѓе загинаа, а над 100 се повредени во ракетниот напад врз железничката станица Краматорск. Ова е намерен напад врз инфраструктура на железницата и жителите на Краматорск”, напиша Александар Камишин на социјалните мрежи.

Украинското Министерство за одбрана, потврдувајќи ги бројките на загинатите и повредените, соопшти дека ракетните напади биле изведени додека се одвивала евакуацијата на локалните жители.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека не извршиле напад врз железничка станица во источна Украина, за кој локален спасувач изјави дека се убиени најмалку 35 луѓе.

– Сите изјави на претставниците на националистичкиот режим во Киев за „ракетниот напад” наводно извршен од Русија на 8 април на железничката станица во градот Краматорск се провокација и се апсолутно невистинити, се вели во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.

– Потенцираме дека тактички проектили Точка-У, чии делови беа пронајдени во близина на железничката станица Краматорск и објавени од очевидци, ги користат само украинските вооружени сили, додаваат од Министерството.

– На 14 март 2022 година, дивизија на 19-та одделна ракетна бригада на Вооружените сили на Украина го нападна центарот на Доњецк со слична ракета Точка-У, при што загинаа 17 лица на лице место, а беа повредени уште 36 цивили, тврди руското Министерство за одбрана

МИА

фото и видео: Twitter