Починатиот пожарникар Жан Кофол и официјално доби своја улица во Берово – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/22 2:25 PM

Починатиот пожарникар Жан Кофол и официјално доби своја улица во Берово

Советниците на Општина Берово, на седницата на 30.03.2022 година, едногласно одлучија улицата „20“ да се преименува според името на 20-годишниот доброволец – пожарникар од Словенија, Жан Кофол, кој учествуваше го гаснењето на големиот летен пожар во Малешевијата. Во тек е постапка пред Централниот регистар, за упис на податоците во електронскиот регистар, во законски утврдениот рок.

Иницијативата, како што соопштува Општина Берово, пред Советот беше поднесена од страна на Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, како своевидно постхумно одликување, по името на хуманиот  херој, Жан Кофол. Младиот пожарникар заедно со групата словенечки пожарникари со денови се справуваше со силната огнена стихија, замина дома и само еден месец подоцна, на ден пред неговиот роденден, загина во сообраќајна несреќа.

-Искажувањето на постхумно признание и благодарност за поддршката што ја даде Кофол за Берово и  Малешевијата е наша обврска и сметам дека  истото ќе значи за семејството на прерано загинатиот пожарникар. Општината е должна да искаже почит, на оние кои навистина ја заслужиле, а Кофол тоа вистински го заслужи непосредно пред неговата смрт- истакна Градоначалникот на општина Берово, додавајќи дека на тој начин неговото име вечно ќе остане запишано и запаметено во Берово, соопшти Општината Берово.

Кофол беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.

Промената на името на улицата е извршено согласно Закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.