Бојан Јовановски, попознат како Боки 13 денеска е осуден девет години, прогласен за виновен за кривични дела меѓу кои и за измама во предметот „Меѓународен сојуз“.
Јасна Мандиќ Ерцеговиќ е прогласена за виновна за кривично дело измама и е осудена на затворска казна од четири години, а екс пратеничка од СДСМ Фросина Ременски е ослободена од обвинението. Миле Јовановски, татко на Боки е осуден на eдинствена условна казна од две години.
За Ременски судијката кажа дека за неа во текот на постапката не се најдени докази за сторено кривично дело, бидејќи му верувала на Боки, односно верувала во добро на проектот за отворање на Старечки домови.
За виновно е пресудено и невладиното правно лице „Меѓународен сојуз“, кое треба да плати казна од еден милион денари.
На обвинетите ќе им бидат одземени предметите кои биле пронајдени во текот на истрагата и процесот.
Освен тоа обвинетите се задолжени да им ја надоместат штетата на фирмите на бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски, кои преку Македонска авторска агенција му исплатиле износи од 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противредност.