Оружје, оружје и само оружје – Украинците имаат само три барања на средбата на НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/22 10:08 AM

Оружје, оружје и само оружје – Украинците имаат само три барања на средбата на НАТО

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска ги повика членките на НАТО да му го дадат на Киев сето оружје што му е потребно за борба против Русија.

– Мојата агенда е многу едноставна. Во неа има само три точки. Тоа се оружје, оружје и оружје, изјави Кулеба пред новинарите пред состанокот со министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел.

– Ги повикувам сите сојузници да ги остават настрана своите колебања и неподготвеноста да и обезбедат на Украина сè што и треба”, рече тој.

– Најдобар начин да и се помогне на Украина е да и се обезбеди на земјата се што и е потребно за да го стави рускиот претседател Владимир Путин на свое место и да ја порази руската армија, додаде тој.

Кулеба рече дека Германија може да направи повеќе во однос на испораката на оружје „со оглед на нејзините резерви и капацитети” и дека донесувањето одлуки трае премногу долго.

– Додека Берлин има време, Киев нема, потенцираше Кулеба. – Колку повеќе и побрзо Украина добива оружје, толку повеќе животи ќе бидат спасени и помалку градови ќе бидат уништени, рече тој.

Украина го повикува Западот да ги зголеми испораките на потешко оружје, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана, артилерија, тенкови и авиони, додека Москва ја пренасочува својата офанзива кон исток.

МИА

фото: bbc.co.uk