Двочасовен прекин на работата во управата и правосудството, протестираат и лекарите – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/22 9:36 AM

Двочасовен прекин на работата во управата и правосудството, протестираат и лекарите

Во периодот од 10-12 часот денеска и утре во знак на протест нема да работат вработените во управата и правосудството. Според најавата на синдикатите, ќе се протестира во институциите, каде имаат синдикални организации, како што се министерства, агенции, фондови, управи и судови. Протестот е со барања за исплата на минимална плата и линеарно зголемување на останатите плати за 2.806 денари. Од УПОЗ објаснија дека во 95 проценти од институциите не се исплаќа минимална плата, а во останатите пет проценти, дел не ја подготвуваат минималната плата, а дел што веќе ја исплатиле направиле грешки и исплатиле само минимална плата без вклучен стаж.

Пред Министерството за здравство денеска, на Светскиот ден на здравјето излегуваат матичните лекари. Тие се одлучија на протест откако не беа исполнети нивните барања.

Матичните лекари бараат капитационен бод од 90 денари, промена на режимот на лекови и важење на препораките за хронична терапија, да се промени казнената политика, електронско здравство, како и да се променат буџетите за специјалисти и лаборатории.