Ја критикуваа Теута за хонорарците, но без нив не можат – Општина Тетово го објави списокот со 78 времено ангажирани – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/22 4:15 PM

Ја критикуваа Теута за хонорарците, но без нив не можат – Општина Тетово го објави списокот со 78 времено ангажирани

Општината Тетово, сепак останува на праксата за времено ангажирање на работници, со тоа што овој пат, е скратен списокот на хонорарци. Како што објави Општината на својот сајт, во периодот на јануари, февруари и март потпишани се договори со 78 ангажирани, од кои 30 се од времето кога со општината раководеше Теута Арифи. Од објавените 78 имиња, се забележува дека само две се од македонска националност – новото ПР лице на Општината Милена Вучевска и архитектот Мирослав Грчев. Покрај имињата, објавена е и висината на хонорорите. Хонорарците се плаќаат од 15.000-25.000 денари, додека највисок е тој на Грчев, чиј хонорар изнесува 30.000 денари месечно.

-Од останатите договори, значителен број се ангажирани во Општинскиот инспекторат како одржувачи на редот бидејќи има значителен недостиг во оваа област. Исто така, некои договори склучени на 1 јануари годинава се главно административци ангажирани во Комисијата за легализација и урбанизам поради големиот обем на работа што овој сектор го има како резултат на големиот број предмети кои треба да се решат и со ова граѓаните да ги легализираат објектите навреме и според Законот за легализација. Друг дел е ангажиран по потреба во различни сектори, како што е канцеларијата на градоначалникот, почнувајќи од организациониот дел, канцеларијата за комуникација со јавноста итн., стои во објавата на сајтот на Општината Тетово.

Градоначалникот Билал Касами, по преземањето на власта, ги откри списоците со 350 хонорарци ангажирани од неговата претходничка Арифи и најави дека договорите со сите ќе бидат раскинати, а парите вратени.

-Испаѓа дека повеќе се исплаќало за договор на дело затоа што редовно вработени се 340 лица, а над 350 има со договор на дело, изјави тогаш  Касами ( ).

Три месеци подоцна, се гледа извесна промена на ставот.

-Свесни сме дека најдовме преоптоварена администрација, но потребата од стручно насочување не натера да ги засилиме редовите за да можеме да ги надоместиме и да ги реализираме барањата на запоставените граѓани со години, објави Општината.