Условни казни добија обвинетите за хеликоптерската несреќа во која загинаа четворица пилоти на МВР – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/22 3:08 PM

Условни казни добија обвинетите за хеликоптерската несреќа во која загинаа четворица пилоти на МВР

Основниот суд во Струмица донесе осудителна пресуда за хеликоптерската несреќа кај Струмица, која се случи на 10 јули 2014 година и во која загинаа четворица пилоти на МВР.

Судечкиот совет ги осуди обвинетите Јулијана Спировска, тогашна директорка на ЈП „Македонска радиодифузија” на условна казна од затвор од две години доколку делото не го повтори во наредните три години, Драгослав Радески, технички директор, доби 18 месеци условна казна доколку делото не го повтори во наредните две години, а ЈП Национална радиодифузија е казнета со парична казна во износ од 1 милион денари.

Според пресудата тие се товарат за тешки дела против општата сигурност по член 292 во врска со член 288 став два и еден и член 22 од Кривичниот закон. Казнетите се задолжени да ги платат судските трошоци и трошоците на оштетените.

На пресудата жалба најавија Обвинителството, кое ќе се жали на висината на изречената казна, а осудените на изречената казна за која сметат дека треба да е ослободителна.

Во хеликоптерот произведен 2008 година, на 10 јули 2014 година пилотите на МВР- Драган Мицев, Марјан Трајкoвиќ, Тоде Орешков и Иљо Лопатички биле на ноќен лет на релација Скопје-Велес-Неготино-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и назад и била користена опрема за ноќно летање.

Во моментот на урнувањето на хеликоптерот тип МИ17, со регистарски ознаки МАР 7712, удрил во антенскиот столб на тогашната „Македонската радиодифузија”, а четворицата пилоти починале веднаш.

Канал 77 и ММС со години го следеа овој процес, кој цели пет години не успеа да почне. Само три години му требаа на Јавното обвинителство да го оформи обвинението.  Антенскиот столб на ЈП Национална радиодифузија, за кој се тврдеше дека бил несоодветно осветлен, се посочуваше како предизвикувач на несреќата која однесе четири животи.

По овој случај беа осветлени сите столбови, а особено се обрати внимание на означувањето и осветлувањето на сите столбови, кои на кој било начин можат да го загрозат воздушниот сообраќај, особено леталата кои имаат специфики да летаат ниско.

фото: Дрнка.мк