Салмонела во „киндер“ јајцата, никако не смеат да се јадат, предупреди АХВ која ги повлекува од пазарот – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/22 2:32 PM

Салмонела во „киндер“ јајцата, никако не смеат да се јадат, предупреди АХВ која ги повлекува од пазарот

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги повлече неколку серии од Киндер производите на компанијата „Фереро“ од сите маркети во Македонија откако доби известување од Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, со која се алармира дека на пазарот во земјава е пласиран сомнителен чоколаден производ од овој производител.

„Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведоа вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна Атлантик траде ДОО Скопје, увозник на производите од компанијата ,,ФЕРЕРО,,. Контролата се спроведе врз основа на добиеното известување од компанијата ФЕРЕРО д.о.о од Загреб, Република Хрватска, со кое информира дека од превентивни причини од пазарот во Република Северна Македонија се повлекуваат неколку серии од Киндер производите Согласно нивното известување, од пазарот, во земјава се повлекуваат сериите производи чиј рок на употреба истекува на 03.10.2022година, 23.08.2022 година,02.06.2022 година, 07.07.2022 година, 15.07.2022 година, 11.06.2022 година.11.06.2022 година и 30.06.2022 година“, соопштија од АХВ.

Врз основа на извршената инспекциска контрола, на компанијата увозник издадено и е решение со кое се забранува промет на призводи Киндер со лот L006LtB-NR, L330RtB-MJ, L2923RtDKX, L328RtD-M,L336RZD-MU, L302RO3, L321RO3. На операторот му е издадена и наредба да изврши отповикување на наведените лотовиод производот и повлекување на количините кои се пласирани на пазарот.

Потврда за итно, превентивно повлекување од пазарот на производи од овој бренд до АХВ прати и компанијата увозник која извести дека од пазарот се повлекува производoт 260320 Kinder Schokobons G125x16, серија L321R03, со рок на траење 30.06.2022 година, серија L302R03, со рок на траење 11.06.2022 година, од производителот Ferrero Ardennes S.A., rue Pietro Ferrero 5, 6700 Арлон, Белгија.

АХВ ги известува потрошувачите кои го имаат купено овој вид на производ, истиот да не го консумираат, да го вратат на местото од каде го купиле.

ММС претходно објави дека најмалку 63 луѓе во Велика Британија, главно мали деца, се заразиле со салмонела во епидемија поврзана со јајцата „Киндер изненадување”.

Повеќето случаи се регистрирани во Европа, вклучувајќи ги Ирска, Франција, Германија, Шведска и Холандија. Јајцата се произведени во Белгија.

Во Британија не се пријавени смртни случаи, но повеќето случаи вклучуваат деца на возраст од пет години и помали.Во предупредувањето, ФСА наведе дека повлекувањето се должи на „потенцијална поврзаност со појава на салмонела”.

Производите кои се засегнати се јајцата од 20 грама или пакувањата со три јајца, сите со датум на истекување меѓу 11 јули 2022 и 7 октомври 2022 година.

Фереро ги повлече производите и на луѓето им се советува да не ги јадат.

Орце Костов