После неколку децении штипската Клиничка болница со свои средства набави амбулантно возило – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/22 2:01 PM

После неколку децении штипската Клиничка болница со свои средства набави амбулантно возило

Штипската Клиничка болница од денеска го збогати својот возен парк со уште едно возило. После неколку децении ова всушност е прво возило кое Клиничката болница го набавува со свои средства. Заедно со него и четирите добиени преку донации во последните четири години, на располагање на штипјани и источниот регион им се седум возила.

– Со ова сериозно ги зголемивме перформансите на возниот парк на нашата болница кој е многу важен и во нормални околности, а особено сега во тек на пандемијата и зголемената мобилност на пациентите, рече директорот на Клиничката болница, Ален Георгијев, напоменувајќи дека со ова се докажува континуираното зголемување на квалитетот на здравствените услуги во болницата.

Иако се планирало и годинава да се набави уште едно возило, набавката ја одложиле поради економската и енергетска криза.

– Одлучивме да се сконцентрираме на работите кои се понеопходни во моментот. Се надевам дека оваа криза нема вечно да трае и ќе се вратиме на курсот на кој бевме претходно, па со уште едно или две нови возила кои би ги набавиле, возниот парк ќе ни биде во добра кондиција, вели директорот.

Инаку штипската Клиничка болница поради раскинување  на договорот за струја во текот на јануари, за февруари од крајниот добавувач на струја доби речиси пет пати повисока сметка во однос на онаа од истиот месец лани. Директорот Георгијев вели оти се надева дека априлската сметка ќе биде во нормални граници бидејќи од први април на тендер е избран нов добавувач за струја.

Запрашан дали ваквите високи сметки ќе „поматат“ некоја медицинска набавка, Георгијев вели дека планот за јавни набавки е веќе направен и оди независно од оваа ситуација.

– Има сигнали и разговаравме со министерството за здравство дека ќе се најдат начини да ни се помогне. Сметам дека овие една или две сметки кои се енормно високи ќе успееме да ги надокнадиме на друг начин, па функционирањето и исполнувањето на планот за јавни набавки нема да претрпи промени, рече Георгијев.