Учениците ова лето ќе можат да се запишуваат електронски во средните училишта – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/22 1:55 PM

Учениците ова лето ќе можат да се запишуваат електронски во средните училишта

Учениците кои ќе се запишуваат во прва година средно образование за 2022/2023 година, од оваа година ќе може да се пријавуваат електронски наместо да поднесуваат документи во училиштата. Тоа ќе го овозможи новата дигитална услуга – електронско запишување ученици во средните училишта која  Министерството за образование и наука ја изработи во соработка со Центарот за управување со промени (ЦУП) во рамки на проектот финансиран од Амбасадата на Велика Британија.

Ваквата услуга лани првпат им беше овозможена на првоодделенците преку националната платформа за електронски упис на првачиња.

Услугата денеска им беше презентирана на директори на средни училишта. Овој месец ќе почнат обуки на наставници за нејзино користење, а ќе биде функционална во јуни кога ќе бидат и уписите за средно образование.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека пандемијата го забрза процесот на дигитализација, но и факт е, рече тој, дека нејзините придобивки се исто толку значајни и во постковид периодот. Со новата услуга, нагласи Шаќири,  ќе се избегнат непријатните метежи и чекањето со документи в раце пред шалтерите, се заштедуваат трошоци за праќање по пошта, како и времето потребно за пријавување. Кон сето тоа, додаде Шаќири, е и транспарентноста во целиот процес.

-Покрај сите придобивки, дигитализацијата на услугите значи и минимизирање на можноста за какви било коруптивни дејства. Квалитетно и поедноставно обезбедување образовни услуги е меѓу повисоките приоритети во работата на МОН и во следниот период ќе продолжиме со нашите партнери да вложуваме во дигитален развој за да изградиме модерен образовен систем и јавни услуги кои се лесно достапни за сите, истакна Шаќири.

Амбасадорката на Велика Британија во земјава Рејчел Галовеј посочи дека со новата дигитална услуга за средношколци, покрај услугата за упис во основните училишта од минатата година, се завршува проектот за електронско запишување на ученици во образованието во нашата држава и на тој начин и училиштата и децата односно родителите, рече таа, се ослободуваат од административни обврски.

-Поддршката во овие  реформи ќе направи разлика во животите на луѓето. Работиме со МОН повеќе години во програмите поддржани од УНИЦЕФ во предучилишното образование. Кога се случи пандемијата, работевме на прилагодување на програмите за да одговориме на предизвикот. Поддржуваме дигитални вештини во образованието и мило ми е што ги обезбедивме, рече Галовеј.

МИА