ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи доколку утре се одржат предвремени парламентарни избори покажуваат резултатите на анкетата спроведена од ИПСОС.
Според податоците од анкетата за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 18,2 проценти од анкетираните, а на СДСМ 9,5 отсто, додека за Левица ќе гласаат 4 проценти од испитаниците. ДУИ има 4,1 проценти, Алијанса на Албанците 3,5, Беса 4,2, Алтернатива 0,7%, а ДПА 0,4 проценти од гласовите. За други партии би гласале 1,2 проценти од анкетираните.
Податоците од анкетата покажуваат дека за ова прашање неодлучни се 16,5 проценти, одбиваат да одговорат 15,9 отсто, а дека нема да гласаат одговориле 24,6 проценти.
По личности, според оваа анкета претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ужива најголема доверба кај граѓаните од 9 проценти. За претседателот Стево Пендаровски би гласале шест проценти од анкетираните, а за премиерот Димитар Ковачевски својот глас го дале 4 отсто. Димитар Апасиев и Али Ахмети имаат по три проценти, а по два проценти имаат Зијадин Села и Зоран Заев.
Теренската анкета е спроведена за потребите на ВМРО ДПМНЕ, од 02.03 до 16.03.2022 година на 1 007 испитаника.
За исходот од оваа анкета не се согласува СДСМ. Тие во соопштение до медиуми, по објавување на резултатите, велат дека ниту една лажна анкета пласирана од Белиот дворец не може да ја сокрие вистината за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и неработењето на градоначалниците од оваа партија.
-Последната анкета е само неуспешен обид да се дефокусира јавноста од реалноста а таа е катастрофалната работа на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ односно неработа. Ниедна нарачана анкета од ВМРО-ДПМНЕ не може да ги покрие скандалите во кои е вмешан Мицкоски ниту пак срамот од бројните судски случаи, од „Плацеви на Водно“ па се до „Титаник“ против членови на партиското раководството на најкриминалната партија во Европа, се вели во соопштението на СДСМ.