За обљуба на четири малолетнички џудо тренерот од Прилеп доби 20 години затвор – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/22 1:30 PM

За обљуба на четири малолетнички џудо тренерот од Прилеп доби 20 години затвор

Сведочењата на малолетничките и доказите биле доволни да го убеди судот дека 46-годишниот тренер по џудо од Прилеп, користејќи ја својата положба извршил обљуба врз девојчињата, кои му биле доверени. Основниот суд од Прилеп на 29 март годинава на тренерот му изрекол единствена казна затвор од 20 години, потврди за ММС, портпаролот на Судот, Жарко Велески.

-Обвинетиот е осуден за четири кривични дела – „Обљуба и злоупотреба на службената положба и овластување“ врз малолетни девојчиња кои наполниле 14 години,  според членот 189 од Кривичниот законик. Досудена му е единствена казна затвор од 20 години, додека му е изречена и забрана за вршење дејност и професија во траење од 10 години, изјави Велески.

Пресудата се однесува на случаите, кои пред две години ја брануваа македонската јавност, откако девојчињата, кои тренирале џудо во клубот на сега осудениот и нивните родители го пријавија случајот во полиција.

-Осомничениот како тренер по џудо, од април до ноември 2020 година, во Прилеп и на други места, заради задоволување на полови страсти, со злоупотреба на својата положба извршил полови дејствија врз деца кои наполниле 14 години – ученички кои му биле доверени заради тренирање и воспитување, соопшти тогаш Основното јавно обвинителство од Прилеп (јануари 2021).

Според информациите, сведочењата на девојчињата биле пресудни во текот на постапката, но и доказите кои биле изнесени од Основното обвинителство – Прилеп.

Џудо тренерот е во притвор и таму ќе остане се’ до правосилноста на пресудата.

 

В.К.