На прес конференцијата по денешната официјална посета на албанскиот претседател Илир Мета на Софија, претседателот Румен Радев изјави дека Бугарија нема никакви условувања за Албанија и нејзиното членство во Евтропската Унија. Сепак, Радев не пропушти да го спомене и бугарското малцинство во Албанија.
-Бугарија и Албанија не се само сојузници, ние сме партнери, пријатели. За ова значаен придонес има и значајното бугарско малцинство во Република Албанија.Нашите земји споделуваат заедничка визија за иднината на нашиот регион, на принципот на добрососедство, следејќи ги принципите на Европската Унија и НАТО, рече претседателот Раде.
Шефот на бугарската држава како позитивен го оцени фактот што веќе има директна авионска врска меѓу Софија и Тирана.
-Важен дел од нашиот дијалог беше зајакнувањето на безбедноста во регионот. Ја поздравувам подготвеноста на Албанија да се приклучи на мултинационалната борбена група, изјави Радев.
Бугарскиот претседател ги пофали, како што рече длабоките реформи преземени од албанската страна, со истрајност и јасен фокус во сите важни области. Според изјавата на Радев, Бугарија отсекогаш била главен двигател на процесот на проширување со Западен Балкан.
Македонија и Албанија и натаму остануваат во „пакет“ за влез во ЕУ. Бугарија и натаму го блокира пристапувањето на Македонија во ЕУ, инсистирајќи на отворените историско-јазични прашања и положбата на бугарското малцинство.