Односите меѓу Бугарија и Северна Македонија се на многу подобро и на многу повисоко ниво на комуникација отколку што беа во периодот пред доаѓањето на двете нови влади, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
На прес – конференција во Битола, премиерот Ковачевски потврди дека преземени се мерки за македонски службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи на двете земји.
На новинарско прашање во врска со дејствувањето на одредени служби или поединци против добрососедските односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и за информациите кои во јавноста ги соопшти бугарскиот премиер Кирил Петков, премиерот Ковачевски потврди дека и во земјава се преземени мерки за тој случај.
-Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Премиерот Кирил Петков даде јавна изјава дека постојат лица кои работеле против нивните интереси (интересите на Бугарија), а потоа и против добрососедските односи и против постигнувањето на евентуален договор. Како што е познато, во Бугарија има истрага, а јас немам причини да не му верувам на премиерот на Бугарија бидејќи тој тоа многу транспарентно го соопшти во обем на кој може да се соопшти, бидејќи се работи за класифицирани информации и истрага. За нашите службеници преземени се активности, но неможам да ви кажам други детали, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес – конференција во Битола.
МИА
фото: Влада.мк


