Вкупно 410 тела се пронајдени во градовите во близина на Киев, како дел од истрагата за можни воени злосторства извршени од страна на Русија, изјави државниот обвинител на Украина.
Градоначалникот на Буча, ослободен град на 37 километри северозападно од Киев, соопшти дека 300 жители биле убиени од руските сили додека чеченските борци ја контролирале областа.
Украинските власти почнаа да ги враќаат областите околу главниот град откако руските сили се повлекоа во последните денови. Но по враќањето на контролата, затекнаа призори кои го ужаснаа светот. Тие наидоа на последици од масакр, за кој тврдат дека го извршиле силите под контрола на Русија. Од друга страна, Москва негира такво нешто и тврди дека зад убиствата на цивилите стојат украински радикали и националисти и бара итна седница на СБ на ОН за ова прашање.
Фотографиите од Буча покажуваат најмалку 20 мажи во цивили пронајдени расфрлани низ улица, меѓу кои и маж со рацете врзани зад грб со парче ткаенина, друг убиен крај велосипед.
– Труповите на егзекутираните луѓе сè уште лежат на улицата Јаблуска во Буча. Рацете им се врзани зад грб со бели „цивилни” ткаенини, биле застрелани во задниот дел од главата. Па можете да замислите какво беззаконие извршија овде, изјави претходно за Ројтерс градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, пренесува Си-Ен-Ен.
Масовна гробница е откриена во Буча, каде биле погребувани телата во првите денови од војната, велат жителите. Тим на Си-Ен-Ен видел најмалку десетина тела во вреќи со тела натрупани во гробот. Некои веќе беа делумно покриени. Локалните жителите за Си-Ен-Ен изјавија дека таму се закопани околу 150 луѓе. Градоначалникот на Буча рече дека може да има до 300 закопани жртви.
Западните лидери, вклучително и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, повикаа на истраги за воени злосторства и зголемување на санкциите кон Русија. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел вети дополнителни санкции за Русија, додека генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш рече дека независната истрага за убиените цивили во Буча е „суштинска”. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека сликите покажуваат „бруталност кон цивилите, каква што не сме виделе во Европа со децении”. – Ниту една количина на дезинформации од Кремљ не може да ја сокрие вистината за убиствата на цивили во Украина, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.
Русија, која е обвинета за воени злосторства извршени во украинскиот град Буча, го негира сето тоа и побара дебата во Советот за безбедност на ОН, пишува францускиот весник „Монд”.
Главниот украински обвинител објави дека на териториите ослободени од руската окупација се пронајдени 410 тела на цивили, потсетува весникот. Според Високиот комесаријат за човекови права на ОН, во Украина се убиени 1.417 цивили, меѓу кои 121 дете. Повредени се уште 2.038, од кои 171 деца. Жртвите и ранетите се главно поради гранатирањето и воздушните напади.
Целата меѓународна заедница ги осуди ужасите и повика на истрага, пишува францускиот весник Паризиен, истакнувајќи дека Западот бара нови санкции против Москва. Синоќа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Твитер објави дека „претстојат повеќе санкции и помош од ЕУ”.
Шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан во изјавата истакна дека за да се принудат руските власти да стават крај на агресивната војна, неопходно е да се продолжи и да се зголеми „економскиот и меѓународниот притисок” врз Русија.
Британскиот премиер Борис Џонсон на Твитер вети дека Лондон „ќе ги заостри санкциите”.
Украинскиот претседател ги нарече руските сили „убијци”, „мачители” и „силувачи”, забележува британскиот весник „Гардијан”. Русија, од своја страна, ја опиша ситуацијата во Буча како „провокација” од Украина, чија цел е да ги попречи мировните преговори.
Министерството за одбрана во Москва ги опиша фотографиите и видеата од градот како „уште една изведена претстава на режимот во Киев”. Руските сили продолжија со нападите врз други украински градови.
Војната во Украина е пресвртница во историјата, наведува Вашингтон пост. Одлуката на владата на германскиот канцелар Олаф Шолц да одвои повеќе од 100 милијарди долари за вооружените сили на Германија и да обезбеди смртоносно оружје за Украина е голема промена во повеќедеценискиот курс на уставниот пацифизам на Берлин.
Според самиот Шолц и неговите сојузници, ова е пресвртница во историјата. Следејќи ја европската визија за вечен мир, војната на континентот ја шокираше претпазливата германска политичка елита и ја поттикна да преземе акција.
За многумина од двете страни на Атлантикот, војната во Украина можеби означи нешто уште поголемо: крајот на една ера и почеток на нова, карактеризирана со поголема неизвесност и ривалство меѓу големите сили.
– Дури и во Вашингтон, да не зборуваме за западноевропските метрополи, има промена во атмосферата. Европските дипломати во главниот град на САД зборуваа за невидена солидарност меѓу сојузниците во НАТО и го поздравија раководството на владата на Бајден. Западот, како геополитичка единица, ретко бил пообединет, истакнува Шолц.
За некои американски коментатори, Украина не е само место на судир со Русија, туку и борба за иднината на либерализмот, пишува Вашингтон пост.
За многумина кои не се дел од Западот, сепак, ова е потсетник на двојните западни стандарди. Па дури и во Германија не е јасно до кој степен „пресвртницата” ќе доведе до трансформација, објави весникот.
МИА
Фотографија: Screnprint Youtube