Од утре секој ден од 10 до 14 часот ќе се затвора патот Струга-Дебар – ММС
ММС

Објавено на: 04/4/22 8:26 AM

Од утре секој ден од 10 до 14 часот ќе се затвора патот Струга-Дебар

Од утре започнуваат градежни активности за санација на свлечишта кај селата Глобочица и Луково на регионалниот пат Р1201 делница Струга – Дебар. Ќе има комплетно затворање на овој дел од патот, секој ден од 10 до 14 часот во следните шест месеци, соопштуваат од АМСМ според информација од Друштво за градежништво Пелагонија АД Гостивар.

– Сообраќајот утрово на државните патишта се одвива непречено по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, се наведува во соопштението.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од АМСМ информираат сека на патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци на 10 км пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На учесниците во сообраќајот им препорачуваме внимателно возење.