Дебата: Евроатлантската интеграција – единствена алтернатива за Македонија или избрзан чекор – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/18 2:29 PM

Дебата: Евроатлантската интеграција – единствена алтернатива за Македонија или избрзан чекор

Во Македонија повеќе од 20 години не се зборува за друга алтернатива освен евроатлантската – сметаат дел од правните експерти, според кои, земјава е исправена пред историска одлука. Според други пак, самото тоа што нема алтернатива ја крши демократијата.

 

Нема друга алтернатива за Македонија освен евроатлантската интеграција – порачаа дел од учесниците на денешната дебата  „Европа меѓу кризите и реформите – Република Македонија во новиот контекст на проширувањето“ што ја организираше Европското движење за Македонија. Универзитетскиот професор, Трпе Стојановски смета дека во спротивно, земјава би била изложена на изолација, со која ќе дојде до разложување на општественото ткиво.

„Она што и треба на Македонија е прифаќање на добар дел од европските вредности кои не се совршени, но се параметри кои ќе придонесат за надминување на сивите зони, или празнините кои во овој момент постојат во македонското општество“.

Неговиот колега, Ило Трајковски пак, оценува дека Договорот со Грција е потпишан на начин кој предизвикува луѓето да се етикетираат, а тоа како што вели тој, не води кон консензус. Според Трајковски, проблем е и преводот на Договорот:

„Ципрас изјавува дека Грците не признаваат Македонски, но во англискиот јазик стои дека националноста е македонска“.

Потпретседателот на Европското движење за Македонија пак, Константин Миновски забележува дека Договорот од Преспа е избрзан чекор.

„Кога нема алтернатива значи дека има очај. Прифаќањето на договорот во услови кога ЕУ ја нема дефинирано својата иднина е избрзан и непотребен чекор“, потенцира Миновски.

Сепак претседателката на ова Движење, Милева Ѓуровска е на став дека Македонија е во напредна фаза на интегрирање и затоа е потребен потребен поамбициозен пристап од сите инстанци.

Таа додава  не е толку важно времето кога ќе влеземе, важен е процесот на реални промени и луѓето вистински да почнат да живеат.