Пензионерот Јусуф Бекчи од Артвин, Турција, почнал да се занимава со дрводелство од хоби, со што привлече толку големо внимание со уникатноста на своите дела што сега заработува пристојно од тоа, јавува Агенција Анадолија (АА).
По пензионирањето во 2011 година, Бекчи го пренаменил подрумот на семејната куќа во работилница каде што почнал да обработува дрво. Како поранешен работник во бакаропреработувачката компанија, тој брзо сфатил дека има талент за обработка на дрво и за правење сувенири и макети.
Сè повеќе слободно време поминувал во работилницата, а добриот глас за неговите дрворезбарски производи брзо се раширил во регионот по што почнал да прави по нарачки за сè побројните муштерии.
Бекчи во разговорот со Агенција Анадолија рече дека уште од младоста се интересирал за резбарскиот занает, но дека немал доволно време посериозно да се позанимава со тоа хоби.
„Ја уредив работилницата на површина од 15-20 метри квадратни и почнав да изработувам макети со сопствени средства. Прво почнав да правам макети на автомобили. Продолжив да изработувам модели на разни градежни машини како булдожери и грејдери“, рече Бекчи.
Тој преферира обработка на дрвото на цреша, орев и дудинка, а со продажба почнал кога видел дека интересот расте и кога некои институции и невладини организации барале да им направи макети.
„Тоа економски многу ми помогна. Во пензија сум и со продажба додатно заработувам за поудобен живот на семејството“, вели Бекчи.
Нагласувајќи дека дрводелството бара многу љубов, трпение и труд, Бекчи рече дека изработувал модели и од 600 делови, додавајќи дека пофалбите што ги добил му даваат задоволство и мотив да продолжи, исто колку што му дава и финансискиот сегмент.
„Во оваа мала работилница изработувам разни модели и сувенири. Покрај моделите на градежни машини, изработив и макета на Ајфеловата кула. Изработувам и разни сувенири како санки, минијатури, мали корпи. Има производи што ги правев во 15 дена, некои за еден месец, некои за 1,5 месец. Оваа работа ми причинува задоволство и ме исполнува“, изјави Бекчи.
Агенција Анадолија
фото-АА