Полициски екипи го обезбедуваат атарот на селото Бујковци каде очевидци велат дека виделе бело летало кое многу ниско се движело над нивите и претпоставувале дека воздухопловот паднал.
Екипа на Телма била на лице место, но не и било дозволен пристап до местото кое го обезбедува полицијата и врши увид.
Се работи за летало кое не е пријавено во Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба.
Според првичните информации, жителите тврделе дека се работи за беспилотно летало дрон.
Во моментот на пријавување на инцидентот, според информациите на Телма, немало ниту еден пријавен воздухоплов во воздух на територија на цела Македонија. Исто така немало пријавени информации за дронови, особено поради тоа што во реонот околу аеродромот е забрането летање со беспилотни дронови.
По двочасовна проверка, полицијата се повлече од местото на блокадата. Засега нема официјално известување што е откриено и за што станува збор, информира Телма.