Утре започнува „Kumanovo Hangout Music Festival“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/18 1:05 PM

Утре започнува „Kumanovo Hangout Music Festival“

Утре во 19 часот пред градскиот базен во Куманово  почнува „Kumanovo Hangout Music Festival“. Настанот кој го организираат „Институтот за наука, уметност, култура и спорт“ и „The Yard Lounge Bar“ ќе го отворат Кабадајас и Фирс од Македонија, Висар Кучи од Косово, Васил Хаџиманов Бенд од Србија и Дром од Грција.

Втората фестивалска вечер ќе биде во знакот на поп и рок музиката, а настапат и Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд, Нокаут, ДНК и гостите од Србија, рок групата Ван Гог.

Како што посочи Марјан Стефановски, еден од органозаторите на настанот, годинава ќе се направи процес во кој ќе се имплементира и хуманоста, а воедно и целиот настан ќе има  натпревари во кошарка, пливање и тенис:

„Понудуваме музичка нота која што ќе биде препознатлива за овој фестивал кој исто така се надеваме дека ќе биде традиционален во иднина. Сето тоа го поткрепивме со ентузијазам, кој сите во организацискиот одбор максимално го дадовме и максимално се вложивме во процесот и се надеваме дека фестивалот во однос на организацијата и се’ она што ќе ни претстои ќе биде доведено до една точка на извонредно организациско ниво“.

Турнирот во тенис е веќе започнат и ќе трае до сабота, а освен тоа ќе има и натпревари во баскет и пливање.

Билетите, како што брифираше уметничкиот директор на фестивалот, џез музичарот Филип Стевановски, се пуштени во продажба и може да се набават за двата фестивалски вечери, но не и поединечно.

„Не можете физички да ги купите посебно, туку мора да биде глобална карта, тоа го направивме, затоа што сме свесни дека втората вечер е покомерцијална од првата и дека многу повеќе луѓе ќе дојдат втората вечер, па така да кога ќе имате еден билет во рака и ќе кажете чекај да дојдеме и на џез фестивал да видиме што ќе се случува и какви гости ќе имаме оваа година, на тој начин културното ниво во Куманово ќе го подигнеме и ќе се култивизираме како народ и град“, рече уметничкиот директор Стевановски.

За следната година организаторите најавуваат уште поголем фестивал, па затоа ги повикуваат граѓаните да присуствуваат на овогодинешното издание на „Kumanovo Hangout Music Festival“ кој во изминатите 15 години Куманово се’ уште го нема видено.