Во речиси сите испитувања на јавното мислење во Северна Македонија, политичарите и политичарките доживуваат убедливо најнегативна перцепција кај граѓаните, покажуваат податоците од документот „Водич за доблесни политичари”.
Овој документ денеска беше презентиран од страна на Форумот за разни политики на тематската дискусија „Етика и политика: портрет на доблесниот политичар”, на која новинарите ги споделија своите ставови и препораки за однесувањето на политичарите, а од друга страна претставници на политичките партии го искажаа своето мислење во однос на тоа кои поведенија на политичарот би можеле да се сметаат како добри.
– Направивме еден Водич за политичари, каде што се издвоени неколку принципи и стандарди за добро однесување на политичарите за време и по завршување на изборниот процес. Практично сите перцепции за јавно мислење, политиката, политичарите и политичките партии се наоѓаат прилично на дното. Можеби е очекувано, но од друга страна и шокантно бидејќи политичарите ни го одредуваат животот. Луѓето кои гласаат на избори, без разлика какво мислење имаат за одреден политичар, сепак гласаат и знаат дека може да се направат некакви поместувања во рамки на политиката, истакна проф. д-р Гордан Георгиев, кој заедно со проф. д-р Ненад Марковиќ го креираа овој водич.
Водичот третира неколку најважни теми кои ја поврзуваат етиката со политиката како професија, а тоа се политичкиот интегритет – етика применета кај носителите на јавни функции, цената на клиентелизмот, како најраспространета коруптивна појава во политиката. Третата тема е култура на оставки или политичка одговорност и одговорноста за јавно искажаниот збор и негативната кампања.
Како заклучок од водичот и дебатата беше кажано дека е потребно многу време за да се искоренат актуелните практики во политиката, но сепак е возможно и оти постојат политичари кои се подготвени да направат промени.
Како дел од препораките од водичот се нагласуваат запазувањето на политичкиот интегритет, односно да се запази јавниот пред приватниот интерес. Оставката на одредена политичка фигура да се третира како чин на одговорност и клучен политички институт за поставување стандарди во сферата на јавниот живот. Исто така, се напоменува и отфрлање на негативната кампања, која содржи лаги и манипулации и создава конфликт во општеството со што создава нарушување на стабилноста на политичкиот систем.
МИА
фото: МИА


