Столбови на културата на двете држави – Соработка меѓу националните библиотеки на Северна Македонија и Австрија – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/22 2:52 PM

Столбови на културата на двете држави – Соработка меѓу националните библиотеки на Северна Македонија и Австрија

Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ и Националната библиотека на Австрија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за соработка.

Оваа соработка е во рамки на манифестацијата „Денови на австриската книжевност во Северна Македонија“, организирана од Асоцијацијата за регионален развој Балкански економски форум од Скопје и НУБ.


Директорката на НУБ „Св. Климент Охридски“ Јелисавета Костадинова истакна дека потпишаниот меморандум ќе биде придобивка за библиотечни, но и културно-образовни можности за соработка меѓу двете институции кои, како што рече, се столбови на културата на двете држави. Нивното поврзување, нагласи таа, значајно ќе придонесе за подинамична комуникација на македонските и австриските културни вредности.


Директорката на Националната библиотека на Австрија, Јохана Рахингер истакна дека застапеноста на значајните дела од современата австриска литература во НУБ е прекрасен начин на приближување со помош на литературата и дека писателите и библиотеките се важни точки на поврзување на меѓукултурниот дијалог и размена.

На настанот присуствуваше и амбасадорот на Австрија, Георг Вуцас, кој рече:

-Овој настан е финансиран поддржан од Фондацијата на Шпаркасе банка од мојот  град Грац и сум благодарен за оваа соработка. Австриската амбасада ги поддржува целите на овој проект за промоција на австриска литература и нејзино приближување до јавноста во Северна Македонија, рече Вуцас.

Нина Неданоска, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, рече:

-„Одговорност уште од самиот почеток“. Преземањето одговорност за опшеството е пракса која што ја живее Шпаркасе речиси 200 години. Со години дел од остварените профити се инвестираат во проекти од поширок интерес, рече таа меѓу другото.

На отворањето на манифестацијата се обратија и Нина Мојсова-Ќосева од Балканскиот економски форум и заменик-министерот за култура Даим Лучи.

Во холот на НУБ беше отворена и изложба на книги од австриски автори од книжниот фонд на Библиотеката, наслови од писатели од Австрија кои добиле значајни литературни награди, а беа промовирани и книги од австриски автори кои Националната библиотека на Австрија ѝ ги донираше на НУБ.

Фото: Вангел Тануровски