Во земјава живеат 1.836.713 лица, од кои 58,44 отсто Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, покажуваат податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите, што беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 година.
Државниот завод за статистика (ДЗС) вчера ги објави податоците од спроведениот Попис 2021. Од вкупното резидентно население во земјава, 50,4 отсто се жени, а 49,6 отсто се мажи.
Според возрасната структура, најголем процент од населението се во возрасната група од 40-44 години. Во земјава се попишани 51 лицe на возраст над 100 години.
Македонскиот им е мајчин јазик на 61,38 % од попишаните, албанскиот на 24,34 %, турскиот на 3,41 %, ромскиот на 1,73 %, влашкиот на 0,17 %, српскиот на 0,61 % српски, а босанскиот на 0,85 %.
Речиси третина од населението живее во Скопје
Вкупниот број на жители во Град Скопје изнесува 526.502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.
-Бројот на домаќинства во град Скопје изнесува 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти, соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите.
Зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.
Најмала општина во земјава е Зрновци, а најголема Куманово. Преброени се и 207 празни населени места.
Помалку 186 илјади жители
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185.834 лица или за 9,2 отсто.Бројот на вкупното попишано население изнесува 2.097.319 лица. Резидентно население е 1 836 713, а нерезидентно 260.606.
Од вкупниот број попишани резидентни жители, 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци.
Како Бугари се изјасниле 3.504 лица, што е 0,19 отсто од вкупното резидентно население.
Од неризедентното население, пак, опфатено со пописот, 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци.
Од вкупно попишаното население, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.
Православни 46,14 проценти, муслимани 32,17, попишани и 13.21 отсто „христијани”
Според религиската припадност, 46,14 % од резидентоното население во земјава или 847.390 лица се изјасниле како православни, 590.878 (32,17%) како муслимани, 6.746 (0.37%) како католици, а 242.579 (13,21%) се издвоени во посебна група како „христијани”, покажуваат пописните резултати што ги објави Државниот завод за статистика.
Како протестанти се декларирале 1.313 лица, а како посебни религиски групи се посочени и евангелско-протестанстки христијани 8.764, евангелисти-методисти 889, евангелсисти 678, адвентисти 371, баптисти 70, реформисти 50, јеховини сведоци 1.137.
Има и 74 припадници на еврејско (мојсиева) заедница, 96 харе кришна и 894 будисти.
Како атеисти се изјасниле 355, а агностици 1 964 лица.
Повеќе домаќинства и станови, просечното семејство е тричлено
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а на станови 839.174. Бројот на домаќинствата е зголемен за 34.336 или за 6,1 отсто. Од презентираните резултати, просечно домаќинство брои 3,06 члена.
Зголемен е и бројот на станови за 141.031 или за 20,2 отсто.
Бројот на странци времено присутни во земјава помалку од 12 месеци е 1 674.
Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.
Трет попис по осамостојувањето на државата
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, согласно нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел – освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Последниот попис во земјава беше одржан во 2002 година, кога вкупното население изнесуваше 2.022.547 лица, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Според националната припадност Македонци се изјасниле 1,297,981 (64,17%), Албанци 509,083 (25,17%), Турци 77,959 (3,85%), Роми 53,879 (2,66%), Срби 35,939 (1,77%), Бошњаци 17,018 (0,84%), Власи 9,695 (0,47%) и 20,993 (1,03%) останати.
На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население, а првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.
Пописот во 1991 година беше со нецелосен опфат. Затоа во 1994 година повторно е спроведен попис, што е прва пописна операција во Република Северна Македонија по нејзиното осамостојување.
Орце Костов
МИА
фото: В. тануровски