Ако С.Македонија сака да биде дел од Европската Унија нејзините граѓани мора да можат слободно да се самоопределуваат и нивните права не смеат да бидат прекршени, напиша лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, на својот фејсбук профил откако ДЗС ги денеска ги објави официјалните податоци од пописот.
Трифонов вели дека Бугари во земјава речиси и да нема, иако повеќе од 100 илјади граѓани на земјава имаат бугарски пасоши. Само во последните две години, за време на пандемијата, бугарски пасоши како што пишува Трифонов добиле 16.692 наши граѓани.
– Според законите во Бугарија, за државјанин на Северна Македонија да добие бугарски пасош, мора да го докаже бугарскиот корен. Така, над 100.000 граѓани на Северна Македонија ги докажуваат своите бугарски корени во Бугарија, а во Северна Македонија се плашат да се нарекуваат „Бугари“. Зошто во една нормална, европска земја, како што тврди Северна Македонија, човек би се плашел да каже што е тоа? Затоа што ова не е нормална, европска земја, пишува Трифонов потенцирајќи дека се додека граѓаните се плашат да се декларираат како Бугари, земјава ќе биде само дел од Западен Балкан.
Инаку според официјалните податоци, како Бугари на пописот се декларирале 3.504 граѓани.