Пописот кој Државниот завод за статистика го спроведе во септември лани, опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека е некомплетен, а бројките ги нарече поразителни.
Откако директорот на ДЗС денес ги објави резултатите, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на прес конференција истакна дека партиите од власта го политизирале пописот и си играле со проценти.
– Пописните бројки се показател за неуспех бидејќи има силен бран на иселувања, имаме операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика и затоа сметаме дека ваквите бројките секој има право во истите да се сомнева, рече Милошоски.
Со оглед на тоа што дури 7,2 отсто од населението е непопишано, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ДЗС не се потрудил да ги искористи сите механизми кои им стојат на располагање, па овој попис е некомплетен.
– Имаме 7,2% коишто го бојкотирале пописот тоа се повеќе од 132.000 граѓани, а живеат во државата. Имајќи предвид дека дел од Македонците овој попис го бојкотираа, бројките на ДЗС требаше да се соопштат откако ќе се дефинираше припадноста на секој жител кој не се попишал или не се изјаснил на пописот. Затоа денес имаме некомплетен попис во овој дел, вели Милошоски.
Според него најголем број од оние кои го бојкотирале пописот се Македонци.
– Во општина Аеродром имаме 5.247 Македонци кои не се попишани, во општина Ѓорче Петров имаме 4.450 Македонци кои не се попишани, во општина Центар 5.000, исто и во Битола повеќе од 5.000, во Општина Велес 4.700 Македонци, Кавадарци 2.500, во Кочани 2.400 Македонци не се попишале, во Охрид 4.300 Македонци коишто не се попишале, во Прилеп 5.000 Македонци, во Струмица имаме рекордни 6.640 Македонци кои не се попишани, во Штип околу 4.400 Македонци кои не се попишале на оваа статистичка операција. И со тоа сметаме дека оваа статистичка операција неуспевајќи да ги дефинира сите параметри на овие присутни жители во државата го прави пописот некомплетен, рече Милошоски потенцирајќи дека само во овие неколку набројани општини има повеќе од 60.000 неизјаснети по национална основа.
Милошоски се огради од бојкотот на пописот, вели дека тие како партија и покрај мноштвото забелешки за операцијата, ги повикале граѓаните да се попишат. Сепак како што рече имало одредени актери кои повикувале на бојкот, па сега истиот нанел штета на комплетноста на пописот и на штета на Македонците.
Со оглед на тоа што во однос на пописот од 2002 има повеќе од 200 илјади иселени граѓани, Милошоски вели дека оваа бројка е поразителна за државата, за сите општини, а особено за, како што рече, неуспешните економски политики на актуелната влада.
– ВМРО-ДПМНЕ сметајќи дека овој попис е некомплетен се обврзува по смената на власта да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди кои што може да биде и комплетен, и веродостоен и да ги нема фалинките и недостатоците кои што ги имаат овие пописни бројки.