Членови на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) попладнево излегоа на предупредувачки протест пред Собранието и Владата, при што искажаа незадоволство што досега не се усогласени платите со минималната плата.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски изјави дека со овој предупредувачки протест повторно му даваат шанса на социјалниот дијалог. Според Ралповски, решението е едноставно, Владата треба да го покачи бодот за да може да се задржи распонот на разликата меѓу платите на останатите вработени.
-Денеска од 15:30 до 16:30 се собираме пред Собранието и одиме пред Влада да ја испратиме пораката. Решението е едноставно, Владата треба да го покачи бодот. Тоа може да го направи за половина час, за сите да бидат задоволни, изјави Ралповски на денешниот протест.
Во спротивно, како што напомена, ова покачување на минималната плата ќе биде пораз за сите работници, затоа што само на 10 отсто од работниците ќе им се покачи минималната плата.
Прашан дали ќе најават генерален штрајк доколку не се исполни нивното барање, Ралповски рече дека притисокот од членството е жесток, но ќе направат анкета помеѓу членството во однос на тоа што ќе се случува понатаму.
-Притисокот од членството е многу жесток. Дури ни и замерија зошто уште даваме шанса на ваков социјален дијалог. Нивното барање беше да постапиме исто како СОНК, да влеземе во еден генерален штрајк, а што ќе се случи понатаму ќе направиме анкета помеѓу членството. Знам дека ќе бидат уште порадикални, но ние ќе ги спроведеме нивните барања. Во суштина, ние сме први меѓу еднаквите и мора да го почитуваме ставот на членството, додаде претседателот на КСС.
Инаку, од КСС подолг период бараат усогласување на платите со минималецот за да нема ситуации во кои вработени на различни работни позиции и со различен степен на образование да земаат иста плата.
Минатата среда во Владата во рамки на Економско-социјалниот совет беше разговарано за ова прашање, но не се постигна конкретен договор по што КСС најави дека останува на ставот да се одржи предупредувачкиот протест. Од Владата, пак, порачаа да продолжи социјалниот дијалог и доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платите.
МИА
фото: Вангел Тануровски