Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски тврди дека податоците кои се собрани со спроведениот попис се точни и оти при собирањето и обработката се почитувани сите меѓународни стандарди. Бројката од 132 269 лица за кои податоци се преземени од базите на податоци во земјава, според него, не е голема, со оглед на околностите во кои е спроведен пописот, а тоа е ковид-пандемијата, отсуството на граѓаните поради одмори, но и поради отворениот и скриениот бојкот.
-Ние спроведувавме попис во исклучително тешки временски услови. Прво беше септември, продолжено лето. Луѓето го искористија овој топол период да користат одмори, и после година и половина беа на одмор. Многу луѓе не беа физички тука. Таму остававме пораки дека дошле попишувачи, остававме телефони. Добар дел од граѓаните се јавија и беа попишани, дел не. Имаше интензивни работи во земјоделието и многу од граѓаните не можевме да ги најдеме. Имаше и граѓани кои беа дома, ги слушавме зад врата дека се движат и зборуваат, но едноставно не сакаа да ни отворат врата од други причини – рече Симовски.
-Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што, за овие лица прашањето за етничка припадност, мајчин јазик и јазикот којшто се говори во домаќинството и за вероисповед ќе ги нема, се празни. Ние користевме девет бази од коишто влечевме податоци и уште три бази коишто ги проверувавме контингентите, значи вкупно 12 бази. Не само од базата на МВР, туку и од Регистарот на население. Од МВР ја користевме базата на државјани, не пишува националност, имате лични карти издадени на одреден јазик, националност не пишува. Да не мешаме државјанство и етничка припадност, рече Симовски.
Пописот спроведен во 2021 година покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185 834 лица или за 9,2 отсто, а бројот на домаќинствата е зголемен за 34 336 или за 6,1 отсто.
Зголемен е и бројот на станови за 141 031 или за 20,2 отсто.
Како што соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите, просечно домаќинство брои 3,06 члена.
Бројот на станови изнесува 839.174.
Густината на населеност на еден километар квадратен е 72,2 лица, а просечната возраст на населението е 40,08 години. На 1.000 жени има 984,3 мажи.
Вкупниот број на жители во градот Скопје изнесува 526 502 лица и во споредба со пописот од 2002 година е зголемен за 3,9 проценти, покажува Пописот спроведен во 2021 година.
-Бројот на домаќинства во град Скопје изнесува 171.171 и во споредба со 2002 се забележува зголемување за 16,8 проценти, соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, презентирајќи ги резултатите.
Како што рече Симовски, зголемен е и бројот на станови во Скопје. Изнесува 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6 проценти.
О.К.
фото: В. Тануровски