Ќе го менуваме ли Уставот за само 3.504 граѓани кои се изјасниле како етнички Бугари? – ММС
ММС

Објавено на: 03/30/22 2:46 PM

Ќе го менуваме ли Уставот за само 3.504 граѓани кои се изјасниле како етнички Бугари?

Вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, покажуваат податоците од Пописот 2021 што денеска ги соопшти директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Според Симовски, бројот на вкупно попишано население изнесува 2 097 319 лица, а на нерезидентното 260 606 лица. Од вкупниот број попишани, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи.

– Додека од неризедентното население опфатено со пописот 24,45 отсто се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци, истакна Симовски.

Пописот покажа дека како етнички Бугари се изјасниле само 3.504 лица, од кои 2.121 маж и 1.383 жени. Тоа се многу помалку лица од бројките кои ги спомнуваат бугарските државници кои постојано во преговорите со Македонија бараат вметнување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.

Бугарскиот претседател Румен Радев постојано го потенцира ова барање, а македонскиот државен врв одамна рече дека не гледа проблем Бугарите да бидат вметнати како уставотворен народ заедно со Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите и останатите помали етнички заедници. Но, бројките на Радев не се совпаѓаат со бројките од новиот Попис затоа што тој за етнички Бугари ги смета и Македонците кои извадиле бугарски пасош поради економски потреби, но во процедурата рекле дека „се чувствуваат како Бугари“.

Ако овие етнички Бугари влезат во Уставот, тогаш истото право би требало да го добијат и Торбешите кои ги има вкупно 4.174 во земјава.

Освен податоците за категории на граѓани според етничката припадност, во првиот сет што го објави Симовски, има и податоци за 132.260 лица за кои податоците се преземени од административни извори.

– Спроведувавме попис во тешки временски околности, септември месец, продолжено лето. Луѓето го искористија годишниот одмор токму тогаш. Многу луѓе не беа физички присутни тука. Земјоделците беа на нивите до 20 часот и тешко беше да се пронајдат. Полни беа плажите во тој период, не можевме да ги сопреме луѓето да не одат на годишен одмор. Доаѓавме неколку пати кај оние што не е беа дома. Некои беа дома, ги слушавме, но не отвораа, не знаеме дали поради страв од ковид или бојкотираа од тоа што потпаднаа под влијание на некои центри. Имаше низа причини. Да не беа оние црни кампањи, таа бројка ќе беше многу помала. Казни нема и тоа не беше наша намера туку граѓаните да разберат колку беше важно ова. Целта не е ни беше казнување, лесно е да ги казниме. Не се криви граѓаните, тие подлегнаа на кампањата.Оваа бројка од 132.260 луѓе е мала. За овие лица, етничката припадност, мајчин јазик и чувството на вероисповест ќе ги нема како податоци – рече Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Орце Костов

фото: В. Тануровски