Влада одобри да се зголеми максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50 отсто, на најмногу до 75 проценти, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани – театри, кина, филхармонија, како и семинари, обуки, состаноци, конференции и слично.
Се укинува и обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори, како задолжително поседување сертификат или потврда за извршена имунизација, односно примени две дози на вакцина против Ковид-19 или за прележан Ковид-19 во последните 180 дена, за посета на угостителски објекти на отворено.
Во исто време, за затворените делови останува обврската за задолжително поседување на сертификатите за вакцинација или за прележаност.
– Согласно актуелната епидемиолошка состојба, прифатено е барањето на Министерството за внатрешни работи, полицијата и армијата да продолжи со обезбедувањето на Ковид-центрите и вакциналните пунктови, а да престане надворешното физичко обезбедување на одделни Ковид-капацитети во Скопје и другите градови на државата, се додава во соопштението од владината седница.