Во Штип се отвори првата регионална МладиХаб канцеларија – ММС
ММС

Објавено на: 03/29/22 8:55 PM

Во Штип се отвори првата регионална МладиХаб канцеларија

Место каде младите ќе се собираат, ќе соработуваат и ќе имаат можност да се поврзат со организациите и институции кои нудат помош и поддршка за млади – ова е идејата позади отварањето на првата регионална МладиХаб канцеларија во Штип. Денеска со настан за вмрежување, на кој неколку локални и национални организации имаа можност да им ја претстават својата работа на присутните млади, но и со концерт во живо, во просториите на Домот на културата „Ацо Шопов“ официјално стартува работата на оваа канцеларија на МладиХаб, која инаку во Скопје функционира повеќе од две години.

Штипскиот градоначалник Иван Јорданов истакна дека е почестен што токму во Штип се отвара ваков одржлив „систем за поддршка на младите од регионот“.

– Очиглено е дека дојде време да го слушнеме гласот на младите и нивните барања. Во текот на моите разговори со помладите генерации несомнено беше споменувана канцеларија од овој тип, иако за ваков начин и системски пристап сме гледале и сме земале искуства од европските градови, конечно нашиот град заедно со Скопје се пионери во државата. Верувам дека сите млади ќе раскажуваат една убава приказна, а сите институции вклучени во овој процес ќе го одржуваат овој проект жив уште многу години, рече Јорданов, потенцирајќи оти ова е заеднички придонес кон задржување на младите во земјава.

Претставникот од Британската амбасада во Скопје, која всушност и е финансиер на овој проект на Млади Хаб кој се спроверува од НМСМ во соработка со CEED Hub Скопје, во своето обраќање рече дека ваквото инвестирање во младите не само што им дава можности ним да научат нови вештини и да ги развиваат своите капацитети, туку им помага и на заедниците во кои се наоѓаат.

– Ваквата поддршка обезбедува цврста основа што ги мотивира младите да се справат со нови предизвици и да допринесат кон разворој на државата, а со тоа и да обезбедат посветла иднина за сите граѓани на С.Македонија, рече Ендру Бренд, програмски раководител во амбасадата.

Директорот на штипскиот Центар за култура, каде се сместени просториите на МладиХаб, истакна дека институцијата со која раководи е силно фокусирана кон профилирање и градење на творечките и уметнички капацитети на младите.

– Силно верувам во младите затоа што секој чекор од нивна страна е искрен и со желба за подобра иднина во нашата земја, рече Горан Трајков.

Оваа регионална канцеларија во Штип ќе се користи како простор за организирање состаноци, средби, работилници и настани, а Генералниот секретар на НМСМ, Мариана Ангелова, истакна оти верува дека со ова ќе се отворат многу нови можности за младите во Источниот регион.