Управителот Јенс Венгланд и правното лице „Техникал текстајл“ признаа вина за загадувањето на реката Брегалница на судењето што по три одлагања се одржа денеска во Основниот суд од Штип. Венгланд и адвокатот во име на компанијата им се извинија на граѓаните на Штип и изразија жалење за сторениот еколошки инцидент, кој го оценија како „несреќен случај“. На Германецот Венгланд и неговата компанија, странска инвестиција лоцирана во Технололошко – индустриската зона, им се суди за истекувањето на хемикалија, која на 23 јуни 2020 година ја побеле реката Брегалница кај Штип, за делото „Загадување на животната средина и природата“, според Кривичниот законик.
Инцидентот се случи при пукање на цревото, преку кое од цистерна во резервоарот на фабриката се пренесуваше течната хемикалија „латекс“, врзно средства, што се користи во производството. Течноста преку одводниот канал заврши во реката, која побеле и така остана со часови, додека не се избистри.
Обвинителот Ристе Бојаџиски побара управителот Венгланд да биде осуден за делото што го сторил од небрежност, кога бил свесен дека може нешто да се случи нешто, што може да наштети на природата, пред се’ на квалитетот на речните води. Во упатството за користење на течната хемикалија, како што рече Бојаџиски, предвидени се заштитни мерки, како што е поставување на песок или друга материја, што може да ја апсорбира истурената течност, што во случајот не било и целата хемикалија заврши во реката. Олеснителна околност е што увидот на СВР Штип покажа дека нема помор на риби, а вештачењето на сертифицираната лабораторија „Амбиком“ утврди дека нема промена на квалитетот на водата во реката.
Управителот Јенс Венгланд, рече дека на денот на инцидентот не бил во државата и за него разбрал од вработените. При отворањето на компанијата постапил по сите законски прописи, вклучувајќи го и потребниот Еколошки елаборат, издаден од Општината Штип.
-Се извинувам што излегло од контрола, не беше намерно. Му се извинувам на цел град за тоа што се случи не поради моја вина. Станува збор за случаен дефект и излевање на хемикалија, изјави пред судот, управителот на „Техникал текстајл“, Јанс Венгланд.
Бранителот Благој Христовски во име на компанијата побара поблага казна, поради тоа што, како што рече, хемикалијата била органска, која не причини штета и нема помор на риби и ниту материјална штета.
Пресудата дополнително ќе биде соопштена.
Делото за кое им се суди на управителот и компанијата, кои ја побеле Брегалница предвидува максимална парична казна до 500.000 денари, што е на половина износ доколку се плати веднаш. Претходно со прекршочен налог по инцидентот, компанијата платила 2000 евра.
Со тоа, овој речиси единствен документиран еколошки инцидент на реката Брегалница може да заврши со парична казна, која се’ заедно нема да надмине ни 10.000 евра.
Сепак, останува отворен проблемот со Технолошко – индустриската зона во Штип, како и со сите други низ државата, каде со закон е уредено еколошките документи да важат за зона, не за одделна компанија внатре во зоната. Дополнително, зоната во Штип е така градена, што нема свој одводен систем, туку секаков тип на течен отпад завршува во атмосферската или фекалната канализација, а од таму директно во реката Брегалница, со оглед на тоа дека Штип нема пречистителна станица.
(В.К.)